Новости
среда, 22 јануари 2020 18:49
Државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Калинка Габер, денеска учествуваше и имаше свое обраќање на Регионалниот форум на граѓанското општество во рамките на проектот финансиран од ЕУ, „Техничка помош за граѓански организации од Западен Балкан и Турција (ЕУ ТАКСО 3)“, чија цел е зајакнување на капацитетите на граѓанското општество за нивно активно учество во демократските процеси на земјата.
Форумот кој е предвиден да трае два дена, ги обедини претставниците на граѓанското општество од земјата и регионот, јавните власти, претставниците од ЕУ, донаторите и други засегнати страни од областа на развојот на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција, кои дискутираат за актуелната состојба и активностите во оваа област, како и за начинот на справување со идентификуваните предизвици на граѓанското општество.
„Ниту едно општество не може да напредува и да постигне демократски прогрес без моќно, гласно и влијателно граѓанско општество. Владите мора да обезбедат предуслови кои ќе им овозможат на граѓанските организации простор за стручен придонес и структуриран дијалог за реформиските политики и демократскиот развој на државата“ – истакна Габер потенцирајќи дека Владата на Република Северна Македонија има преземено значајни чекори во изминатите две години, со што се докажа подготвеноста за прифаќање на граѓанското општество како партнер во сите реформи.
“Вклучувањето на граѓанското општество не беше само декларативно, туку и суштинско,“ додаде Габер спомнувајќи ги неколкуте достигнувања како што се донесувањето на новата Стратегија за развој на граѓанското општество со Акционен план 2018-2020, активното учество на граѓанското општество во креирањето политики, законодавни решенија и стратегии, но и мониторинг при нивното спроведување, нивно вклучување во преговарачката структура за членство во ЕУ, во секторските работни групи за ИПА итн.
Државната секретарка Габер подвлече дека и покрај досегашните достигнувања во оваа насока, Владата и понатака ќе продолжи со активни мерки за создавање на поволни околности за стимулирање на професионалните капацитети на граѓанското општество, обезбедување простор за искористување на нивната експертиза во сите детектирани, но и мерки за нивно финансиско зајакнување, бидејќи само на тој начин може да се создаде вистинска синергија помеѓу Владата и граѓанското општество што ќе придонесе кон правилен демократски развој на државата.