Новости
понеделник, 18 ноември 2019 17:05
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи денеска оствари средба со Амбасадорот на Република Франција во земјава,
Кристиан Тимоние, на која главна тема беше нон-пејперот подготвен од страна на
Франција, a во кој се содржани иницијативите на
Француската држава и Претседателот Макрон, за реформа на методологијата и
начинот на кој би се одвивале преговорите за проширување на Европската Унија во
иднина.
„Самата содржина на иницијативата, но и брзината со која Франција
излезе со оваа иницијатива, на само еден месец од октомвриските самити,
покажува дека процесот на европско интегрирање на целиот регион, а со тоа и на
земјава не е запрен, туку тече со солидна динамика“ - истакна Османи, потенцирајќи
притоа дека иницијативата е веќе испратена до земјите – членки, кои веќе
работат на неа, што укажува на фактот дека процесот се движи, изразувајќи
притоа и надеж дека наскоро може да се очекува нова методологија која ќе
овозможи старт на преговорите со ЕУ.
За време на средбата Вицепремиерот Османи изрази благодарност до
Франција и амбасадорот Тимоние за инклузивноста со која се гради овој процес,
вклучувајќи ги и земјите кои преговараат и очекуваат да го почнат овој процес,
како и за прецизноста со која се потврдува поддршката од страна на Франција за
европските перспективи на целиот регион.
„Веројатно најважната компонента на овој документ претставува јасната и
недвосмислена потврда дека главната цел на преговроите претсатвува полноправно
членство во Унијата, со што се затвораат сите шпекулации за разни алтернативни
и асоцијативни членства и што го враќа процесот на европско интегрирање на на
земјите од Западниот Балкан во негова целосна ширина“, истакна Османи.