Новости
среда, 18 септември 2019 14:16
Заменик претседателот на Владата задолжен за
европски прашања, Бујар Османи денес беше домаќин на Претседателот на
Европскиот Комитет на регионите, Карл- Хајнц Ламбертс, кој престојува во
работна посета на Република Северна Македонија.
„По вчерашната порака
од страна на Претседателот на Советот – Туск, кој како претставник на
централните власти на земјите – членки тука од Скопје повика на старт на
преговорите, еве денес ја имаме честа и Претседателот на регионите, кој како
претставник на непосредните власти, на градовите, регионите и општините,
слободно може да кажеме најнепосреден претставник на европските граѓани,
повторно тука од Скопје да испрати порака за напредок во европските интеграции,
за поддршка на земјава пред големата одлука во октомври.“, истакна Османи,
упатувајќи ја до г. Ламбертс неговата лична благодарност како предводник на
процесот на европските интеграции на земјава, заблагодарувајќи се притоа и во
името на Владата и на граѓаните на Република Северна Македонија, за поддршката
во клучниот период за земјата.
На состанокот се
разговараше и за начините на кои локалната самоуправа ќе се вклучи во
преговарачкиот процес, особено во делот на имплементација на европското
законодавство, кое во огромен дел или директно се имплементира на локално ниво,
како и размена на добри практики меѓу европските региони и градовите.
Претседателот Ламбертс изрази задоволство од поддршката на централната власт за
децентрализацијата и поддршката на локалните самоуправи, што според него
покажува дека Владата ја препознава улогата на општинските власти во процесот
на пристапување во ЕУ и во тој контекст побара одлука за старт на преговорите.
Во продолжение на
средбата, Османи и Ламбертс ги разгледаа и можностите за унапредување на
соработката, која се одвива преку Заедничкиот консултативен комитет меѓу
Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската унија, како
дел од напорите на земјата за усогласување со европските правила, стандарди и вредности
на сите нивоа.
Европскиот комитет на
регионите е тело на ЕУ на регионални и локални претставници од сите 28
земји-членки, чија задача е да ги вклучи регионалните и локалните власти во
процесот на одлучување на ЕУ и да ги информира за политиките на ЕУ. Во
Европскиот комитет на регионите членуваат 350 претставници избрани од
европските градови, региони и останати единици на локалните самоуправи, кои се
политички одговорни пред избрано собрание во нивните матични региони и градови.