Говори
вторник, 27 мај 2014 13:16
Почитуван министер Спасов,
Почитуван амбасадор Орав,
Дами и господа,
Ми преставува особено задоволствово што имаме можност само неколку дена по објавувањето на последниот Извештај за напредокот на Република Македонија за 2013 година да дебатираме за наодите и препораките содржани во Извештајот на еден ваков форум каде што учествуваат и претставници на граѓанското општество како фактор кој го дава и треба да го дава својот придонес за демократизацијата на општеството.
Верувам дека сите ние досега имавме време подетално да го анализираме Извештајот, но сепак генерално може да се констатира дека Република Македонија ја задржа препораката за почеток на преговори, а Извештајот е објективен и дава реална оценка за постигнатиот напредок во изминатата година, но што е уште поважно и препораки за активностите кои треба да се преземат во оние области во кои постои простор за понатамошно подобрување.
Во Извештајот, меѓу другото, се нотира дека е постигнат напредок во повеќето приоритетни области од Пристапниот дијалог на високо ниво, кој беше важен механизам за задржување на моментумот во спроведувањето на реформите. Оценката за подобрувањето на способноста на Република Македонија за исполнување на обврските од членството и постигнатиот висок степен на усогласеност со европското законодавство во повеќето поглавја е јасна потврда дека земјата и администрацијата веќе подолго време го имаат неопходниот капацитет за да се справат со сите предизвици кои произлегуваат од процесот на преговори.
Дозволете, во оваа прилика, да се осврнам на некои од клучните активности кои се нотирани како напредок во Извештајот, како што се декриминализацијата на клеветата и навредата, воведување на системската проверка на анкетните листови и следењето на комуникации, подобрувањето на правната рамка и досието на случаи во борбата против корупцијата, завршувањето на долгорочните реформи во судството, подобрувањето на ефикасноста на судството и други области.
Во однос на добрососедските односи, Комисијата констатира дека одлуката за отворање на пристапните преговори ќе овозможи создавање на услови за подобрување на добрососедските односи и особено за изнаоѓање на меѓусебно прифатливо решение за проблемот со името. По две изминати декади потребна е значајна политичка заложба од сите страни во спорот со цел конечно да се изнајде решение. Во овој контекст Република Македонија останува отворена за унапредување на соработката и разрешување на сите отворени прашања со соседите.
Тргнувајќи од дневниот ред на комитетот, би сакал да се осврнам и на оценките за областите кои се тема на разговор на денешнатата средба. Пред се, во однос на поглавјето 19, во делот на политиката на вработување, се укажува дека усогласувањето на Законот за евиденции во областа на трудот со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и Законот за работни односи, ќе овозможи разлика меѓу лицата кои активно бараат работа и останатите невработени лица и, исто така, ќе овозможи промени во методот за пресметување на стапката за невработеност.
Исто така се нотира дека стапката за невработеност до некој степен се намали, иако е се уште е висока. Понатаму се нотира усвојувањето на акцискиот план за вработување на младите за 2012-2015 година како и оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2013 година. Поздравено е и зајакнувањето на државниот капацитет за следење и оценување на политиката за вработување.
Сепак како што веќе напоменав, Извештајот за нас не претставува само документ во кој се наведуваат постигнатите реформи,туку и патоказ за тоа каде треба да се фокусираат напорите на Владата и администрацијата во идниот период со цел да се адресираат препораките на Европската комисија.
Исполнувањето на преостанатите цели од пристапниот дијалог како што се реформата на јавната администрација, подобрувањето на медиумското опкружување, борбата против корупцијата како и областите социјална политика и вработување, слободно движење на работници, капитал се меѓу најавените приоритети.
Покрај тоа, Европската комисија од земјите кои се дел од процесот на пристапување бара воведување на национални економски реформски стратегии и акциски планови за јавно финансиско управување, како и потребата од јакнење на конкурентноста на земјите. Ова значи дека ни претстои период во кој ќе треба да подготвиме конкретни мерки и активности, временска рамка, планови за адресирање на препораките од извештајот. Во тек е подготовката на деветтата ревизија на клучниот стратешки и програмски документ на кој работи целокупната администрација – Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА).
Секако, дека процесот на европска интеграција не е процес само на Владата на Република Македонија или само на администрацијата, тоа е процес кој има припаѓа пред се на сите граѓани кои години наназад континуирано го поддржуваат членството на Македонија во Унијата. Токму затоа Владата, но сите други општествени чинители – пред се граѓанското општество и бизнис заедницата, имаат обврска заеднички да работат кон исполнување на оваа стратешка цел.
Владата се секогаш е подготвена и отворена соработка со сите засегнати страни, и ќе ја искористам оваа можност да упатам повик до граѓанскиот сектор да ги искористи сите можности кои се нудат преку јавните дебати, тркалезните маси да ги сподели своите ставови и забелешки за сите важни прашања со цел да се дојде до најдобрите решенија.
Членството во Унијата подразбира спроведување на реформи во насока општествена, политичка, економска и клутуролошка трансформација на општеството во согласност со европските стандарди, добри практики и вредности. Ваквите промени не секогаш се лесни и брзи, но од друга страна сите ние сме свесни дека крајниот резултат ќе значи подобри услови за живот за секој граѓанин на оваа држава.
Ви благодарам.