Говори
вторник, 27 мај 2014 12:52
Почитувани гости,
Дами и господа,
Би сакал да ви се заблагодарам за оваа можност да ги споделам со вас моите ставови во врска со перспективите на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан во поглед на претстојниот самит на ЕУ во јуни.
Се надевам дека овој форум ќе ни овозможи да се навратиме на случувања во изминатата година поврзани со ЕУ, бидејќи лично верувам дека ова беше успешна година за земјите кандидатки за ЕУ и потенцијалните земји-кандидатки.
Кога започна Процесот за стабилизација и асоцијација во 1999 година, тој беше предвиден како механизам кој ќе ја гарантира европската перспектива на земјите од Западен Балкан од страна на политиката на Европската унија кон земјите од Западен Балкан. На овој начин тие земји беа вклучени во прогресивното партнерство со поглед на стабилизирање на регионот и создавање на слободна трговска зона. Во продолжување на специфичните регионални барања во врска со политичката и економската стабилност и регионална соработка, Процесот за стабилизација и асоцијација постепено се приклучи на инструментите на процесот за проширување за да ги приближи земјите од регионот поблиску до ЕУ.
Понатаму, силната потврда на ЕУ перспективата за земјите од Западен Балкан беше главен предуслов за започнување на процесот на трансформација и демократизација на општествата. Активностите за исполнување на политичките и економските критериуми се поставени меѓу највисоките приоритети на владите. Ова исто така вклучува иницијативи за регионална соработка и добрососедски односи.
Од денешна перспектива, можеме да кажеме дека ова беше успешен механизам кој што им обезбеди на земјите да му се посветат на процесот и да напредуваат кон членство во ЕУ.
Најновите позитивни случувања поврзани со евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан се најдобар доказ како поддршка на оваа изјава. Имено, Хрватска е најновиот член на европското семејство, Црна Гора ги започна преговорите за пристапување, Македонија и Србија имаат препорака за датум за почеток на преговорите, Албанија е земја кандидат и Косово треба да ја потпише Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Успехот што секоја од земјите го има постигнато досега е резултат и на заложбите на владите и на пристапот на отвореност од страна на Европската комисија.
Дозволете ми да го земам како пример случајот на Република Македонија. Минатата година беше многу успешна во поглед на агендата на ЕУ и тоа беше можно, поради воведувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво, како механизам кој го обезбедува потребниот поттик за понатамошна имплементација на многу тешките реформи во петте приоритетни области како што се: слободата на изразување и медиумите, владеењето на правото и основните права, реформите во јавната администрација, изборните реформи, зајакнување на пазарната економија.
Како резултат на активностите преземени за справување со целите имаме: декриминализација на клевета и навреда, подобрување на изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ / ОДИХР, намален број на заостанати случаи во повисоките судови, и одржување на макроекономска стабилност, без оглед на глобалната економска криза.
Сепак, фактот дека овој процес е се уште во тек потврдува дека исполнувањето на политичките и економските критериуми е тежок и комплексен процес, кој често се соочува со тешки предизвици што доаѓаат од самата земја или се резултат на отворените билатерални прашања. Некои од овие предизвици може лесно да се решат, а во други случаи потребна е голема доза на добра волја и подготвеност.
Важно е да се нагласи, дека имаме многу позитивни примери дека дури и најтешките прашања можат да се решат, како што е случајот на Хрватска и Словенија или историскиот договор меѓу Србија и Косово, бидејќи она што е важно е исполнување на крајната цел - членството во ЕУ.
Во врска со ова, Република Македонија е подготвена да продолжи со спроведување на сите потребни реформи и за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името со Грција, во духот на добрососедските односи.
Дами и господа,
И покрај напредокот постигнат во евроинтегративниот процес , земјите од Западен Балкан се уште имаат многу обврски пред нив во поглед на исполнувањето на критериумите за членство. Одржување на јасна ЕУ перспектива и обезбедување на поддршка за нивните напори за интеграција е од суштинско значење за успехот на процесот на проширување на ЕУ, како политика на мир, стабилност и напредок. Наша заедничка одговорност е да се финализира процесот.
Ви благодарам