Новости
петок, 10 јануари 2014 15:04
Во рамките на ЕУ/ИПА институционални посети, предвидени во ЕУ Агендата 2014 на Секретаријатот за европски прашања, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Национален ИПА Координатор д-р Фатмир Бесими, денеска во просториите на Министерството за локална самоуправа оствари работна средба со Министерот за локална самоуправа Тахир Хани.
Тема на овој состанок беше да се направи осврт и да се донесат оперативни одлуки во однос на тековните состојби, остварениот напредок како и отворените прашања и предизвици во рамки на процесот на спроведување на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), со нагласок особено на ИПА Компонентата за прекугранична соработка (ИПА К.2 – СВС), која е дадена во целосна надлежност на Министерството за локална самоуправа, каде е сместена и највисоката оперативно-координативна функција за оваа ИПА Компонента, функцијата Национален Координатор за прекугранична соработка .Искористеноста на ИПА средствата и отворениот оглас за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Косово, беа главна тема на работната средба. За време на состанокот вицепремиерот Бесими информираше дека за реализацијата на отворениот оглас за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Косово, буџетот изнесува околу 3,6 милиони евра од страна на ЕУ. 1,8 милиони евра се за институции од Македонија и исто толку се наменети за Косово.Бесими додаде дека општините и другите институции, може да аплицираат и за финансиски средства од Македонската банка за поддршка на развојот, а годинава очекува да се потпишат уште две финансиски спогодби, со Косово и со Грција.
Министерот Хани истакна дека е важно сите институции да ги искористат максимално средствата од ИПА фондовите што им се на располагање."Во рамки на ИПА компонента 2007-2013 има околу 30 милиони евра. Досега има потпишано финансиски спогодби за околу 27 милиони евра, од кои 18 милиони евра во овој момент или 65 проценти се потпишани договори. Очекуваме за две недели да се достигне ниво до 75 отсто", изјави Бесими по средбата.
Состанокот помина во многу конструктивна атмосфера, и беше постигната заедничка агенда на определени оперативни дејствија, во насока на надминување на некои нотирани тековни отворени прашања, кои се вообичаени во оваа фаза на процесот на усвојување на овие програми од страна на Република Македонија.