Новости
четврток, 20 јуни 2019 18:54
На 20 јуни 2019 година во Брисел се одржа 16-тиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија (КСА). На состанокот претседаваа г-а Геновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан и г-а Калинка Габер, државен секретар за европски прашања на Република Северна Македонија.
Состанокот на Комитетот за СА се одржа неколку недели по објавувањето на пакетот за проширување за 2019 година, кога Комисијата повторно препорача Советот да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија, врз основа на нејзината позитивна оценка за постигнатиот напредок и за исполнувањето на условите утврдени од Советот во јуни 2018 година. Комитетот ја зеде предвид одлуката на Советот од 18 јуни 2019 година да се наврати на прашањето, со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и најдоцна до октомври 2019 година.
Комитетот за стабилизација и асоцијација ги оцени состојбите во однос на политичките и економските критериуми, усогласувањето со законодавството на ЕУ (acquis), како и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Беше поздравен напредокот постигнат во унапредувањето на реформите на ЕУ, особено во областите утврдени во Заклучоците на Советот од 2018 година, вклучително и преку План „3-6-9“ и „План 18“.
Европската комисија ги охрабри сите политички партии и останатите засегнати страни во земјата да работат заеднички на одржување и зајакнување на политичкиот дијалог и да продолжат понатаму со исполнувањето на агендата поврзана со ЕУ, вклучително и во клучните области како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачката служба, јавната администрација, на инклузивен и транспарентен начин. Европската комисија ја истакна важноста на одржување на напредокот во усогласувањето со правото (acquis) на ЕУ.
Двете делегации ги повторија Заклучоците на Советот од 18 јуни 2019 година и силно ги поздравија историскиот и досега невиден Преспански договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.