Новости
четврток, 23 мај 2019 12:20
Денес во просториите на
Владата на Република Северна Македонија се одржа првиот координативен донаторски
состанок организиран од страна на Заменик претседателот на Владата задолжен за
европски прашања, Бујар Османи во улога на Национален координатор на странска
помош и Директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на
јазиците, Илбер Села.
„Имплементацијата на новиот Закон
за употреба на јазиците претставува приоритет на земјата за натамошно
унапредување на демократијата и почитување на основните права, а истовремено
самиот Закон значително го подобрува и го проширува користењето на албанскиот
јазик, со што се реши и едно од последните отворени прашања кои создаваа
меѓуетнички тензии по уставните измени од 2001 година“, истакна Вицепремиерот Османи.
„Доколку сакаме правилно да го спроведуваме Законот, треба да се соочиме со
предизвиците за негова целосна имплементација“, додаде Османи.
На состанокот беа присутни
голем број претставници на Донаторската заедница во земјава, претставници на
амбасадите, на финансиските институции, ОБСЕ итн., На состанокот беше
презентиран Планот на владата за имплементација на Законот за употреба на
јазиците, со цел утврдување на можностите да се обезбеди поддршка за негово
спроведување со донаторска помош, како и можната размена на искуства и трансфер
на знаења од земјите кои имаат вградени и функционални двојазични системи.
Законот за употреба на
јазиците беше донесен уште во март 2018 година, по што беше основана Агенцијата
за надзор и координација на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците во
јануари оваа година, чиј директор е универзитетскиот професор д-р Илбер Села, а
во февруари годинава година беше формирана и Меѓу- министерска работна група за
спроведување на Законот.