Новости
среда, 03 април 2019 13:58
Заменик
Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со
делегација од Секретаријатот за европски прашања, остварија работна средба со
претставниците на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија, предводени од Заменик главниот државен
ревизор, Насер Адеми.
„Државниот завод за ревизија претставува
институција која не само што исклучително ревносно си ја врши својата работа,
туку нејзините резултати се често основа на која се идентификуваат потребите за
реформи и во другите институции, за што доверба во нивната работа имаат
изразено и меѓународните пријатели, како што е Европската Комисија, која ги
цитира нивните резултати во извештаите за земјава“ – нагласи Османи,
посочувајќи на важноста на институцијата во севкупниот процес на борба против
организираниот криминал и корупција.
„Ревизор Адеми, но и останатите членови на
раководството на Државниот завод ме уверија дека продолжуваат со својата активност со
целосен капацитети, правејќи основа за другите институции во создавање на
таканаречениот „трак-рекорд“, т.е. успешни примери со кој ќе се демонстрира
напредокот во борбата против организираниот криминал и корупција“ истакна
Османи, посочувајќи дека успешноста во оваа област значи поголема заштеда на
буџетските пари, заштита на принципот на владеење на правото и создавање фер
компетитивна бизнис околина, но и значајно за европските интеграции на земјата.
“Преку напредокот во борбата против
организираниот криминал и корупција создаваме основа за позитивен Извештај од
страна на Европската Комисија во мај, кој очекувам да го одразува реалниот
напредок на земјава, што, пак, ќе претставува основа за земјите – членки да ја
потврдат одлуката од минатата година, за почеток на преговорите со Република
Северна Македонија оваа година“- додаде Османи.
Средбата се реализираше во рамки на
институционалните посети на Вицепремиерот Османи на институциите надлежни за
спроведување на реформите кои беа предвидени во План 3-6-9 и План 18, како и
имплементацијата на останатите обврски поврзани со европските интеграции на
земјава во рамките на кои претходно беа посетени и Државната комисија за
спречување на корупцијата, Државната изборна комисија, како и Агенцијата за
аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.