Новости
среда, 27 март 2019 16:23
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи оствари средба со делегација од Јадранско-јонската иницијатива предводени од Генералниот секретар, Амбасадорот Џовани Кастеланета, при што беа отворени темите за предизвиците и перспективите од членството на Република Северна Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, Стратегијата на ЕУ за јадранско-јонскиот регион, како и за процесот на европската интеграција на нашата земја.
„Со полноправното членство во Јадранско-јонската иницијатива од мај минатата година на Република Северна Македонија ѝ е дадена можност заедно со останатите земји членки да придонесе во градењето на солидни основи за процесот на европска интеграција, преку активниот придонес во приоритетните области во рамките на оваа иницијатива, како транспортот, туризмот, културата и животната средина“- истакна Османи, при што потенцираше дека очекува соработката во регионалната иницијатива наскоро да резултира и со вклучување на Република Северна Македонија во Јадранско - јонската стратегија на Европската Унија, со што земјава во целост ќе се вклучи во регионалните текови.
„Република Северна Македонија, покрај исклучително големиот успех во адресирањето на отворените политички прашања, во ниту еден момент не дозволи намалување на интензитетот на реформската агенда, со што земјата покажа високо ниво на зрелост и подготвеност за преговори со ЕУ“, истакна Османи, посочувајќи на конкретниот напредок во клучните реформски области - правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
За време на состанокот соговорниците изразија надеж дека соработката во рамките Јадранско-јонскиот регион, покрај економскиот развој, ќе овозможи и забрзана интеграција на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, исполнувајќи ги соодветните критериумите за меѓусебно поврзување, размена и соработка.