Новости
среда, 27 февруари 2019 14:27
Заменик
Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи оствари
средба со вршителот на работите Министер за Европа и надворешни работи на
Република Албанија, Гент Цакај, кој е во работна посета на земјава.
За време
на средбата Вицепремиерот Османи изрази огромна благодарност до Министерот
Цакај, но и до владата на Република Албанија, за брзата ратификација на
протоколот со НАТО, како дел од континуираната поддршка за нашите евроатлантски
интеграции.
„Симболиката
на овој суштински гест е уште еден доказ за исклучително добрите односи меѓу
двете земји, кои, одамна веќе не само што немаат меѓусебни отворени прашања,
туку напротив, градат односи кои претставуваат вистински израз на меѓусебно
пријателство и блискоста на граѓаните на двете земји“- истакна Османи.
Во
продолжение на средбата Османи посочи дека покрај успехот од Преспа,
реформската одлучност на Владата, политичкиот сензибилитет на граѓаните,
денешниот успех на нашата земја истовремено претставува и плод на искрената и
безрезервна поддршка од страна на нашите меѓународни пријатели, меѓу кои и
поддршката од нашиот сосед Република Албанија, што соодветствува и со важноста
на овој успех и за двете земји, и за регионот во целина.
„Северна
Македонија и Албанија се пред самиот старт на преговорите за членство во
Европската Унија и меѓусебната поддршка во овој процес претставува израз на
нашиот взаемен интерес за успех и на двете земји во нивните амбиции за почеток
на преговорите со Унијата оваа година. Имаме уште неколку месеци агресивно да
ги адресираме нашите обврски, и да ги убедиме земјите – членки дека имаме
капацитет, дека имаме напредок и дека заслужуваме почеток на преговорите со
ЕУ“- додаде Османи.
На крајот
од средбата соговорниците заеднички се согласија дека е потребно да се обезбеди
поддршка и за останатите процеси од регионот, притоа осврнувајќи се на Косово и
Србија, чие отворено прашање заслужува најмалку ист третман од меѓународната
заедница и соседите, како и сега веќе затворениот спор меѓу Северна Македонија
и Грција, бидејќи истото во моментов претставува најважното и најкомплексното
прашање во регионот, а се согласија и дека успехот во надминувањето на овој
спор ќе претставува успех и за сите земји од регионот.