Новости
четврток, 21 февруари 2019 13:31
Заменик Претседателот на Владата задолжен
за европски прашања Бујар Османи денес во Виена учествуваше на состанокот на Министри задолжени за
европски прашања од земјите од Западен Балкан, под покровителство на Сојузниот
Министер за европски прашања на Австрија при канцеларијата на Сојузниот
Канцелар, Гернот Блумел, кој беше
посветен на предизвиците со кои се соочува Европската Унија во создавањето на
иднината на Европа.
„Сите ние, земји кандидати за членство во ЕУ, имаме амбиција, но
и заедничка цел да бидеме дел од ЕУ, бидејќи само стабилен, безбеден и
просперитетен Балкан е силен гарант за стабилна, безбедна и просперитетна
Европа во целина“ изјави Османи на средбата, посочувајќи дека земјите од
Западниот Балкан, не само географски, туку и политички и културно, отсекогаш
претставувале дел од Европа.
„Во регионот има нова реалност наречена Република
Северна Македонија. Тоа е земја која недвосмислено станува 30-та членка на НАТО
алијансата, која има реали очекувања да ги започне преговорите за членство во
Европската Унија оваа година; тоа е земја која прераснува во пример за
организирана мултикултурна, мултиетничка и мултијазична функционална демократија.“
истакна Османи, посочувајќи дека земјава веќе нема ниту едно отворено прашање со соседите, но и дека
успеа да ги затвори сите поголеми отворени прашања и внатре, дома.
„Се надевам дека нашата успешна приказна ќе претставува поттик и за
останатите земји од регионот, тука секако особено мислам и на Косово и Србија, за
проширување на нивните политички видици, оставајќи повеќе простор за компромис,
позитивен пристап и дипломатска политичка волја за окончување и на нивниот
спор“ истакна Османи, посочувајќи го решавањето на спорот Приштина - Белград
како најтежок, најкомплексен но и во моментов најважен приоритет во регионот.