Новости
среда, 12 септември 2018 16:35
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи oствари средба со Министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Стеф Блок.
На средбата беа отворени темите подготовката на земјата за почеток на пристапните преговори, со посебен акцент на подготовката на тимот и структурата за преговори, за предизвиците поврзани со претстојниот референдум во однос на Договорот од Преспа, како и за севкупната поддршката на нашата земја од страна на Кралството Холандија.
„Холандија
претставува еден од најцврстите поддржувачи на Република Македонија и нашите
интегративни процеси, но и земја со која традиционално имаме исклучително
успешна соработка. Оваа поддршка секако ја очекувам и во овој клучен период за земјава“ –
изјави Османи на почетокот од средбата, посочувајќи на чувствителноста на
периодот во кој се наоѓа земјата, особено во насока на исполнување на обврските
за нашите европски и евроатлантски интеграции.
„Претстојниот
референдум, во моментов го окупира политичкиот фокус во државава, и вашето
присуство во овие историски моменти претставува акт на искрено пријателство, за
што сме ви и лично благодарни“, истакна Османи.
Во продолжение на разговорот
Вицепремиерот Османи го информираше својот соговорник дека покрај подготовките
за референдумот, Владата е сериозно посветена и на подготовката
за претстојниот скрининг и како и подготовка за почеток на преговорите, за што
веќе е создаден преговарачки тим, кој веќе работи и на подготовка на
преговарачка структура. Секако, Владата останува силно фокусирана и на
задржувањето и продлабочувањето на позитивниот реформски импулс, во насока на
испорачување на конкретни и видливи резултати во делот на судството,
безбедносните служби, јавната администрација, но и во делот за борбата против
организираниот криминал и корупција, како и во сите останати клучни области, а
се со цел исполнување на сите забелешки и препораки од заклучоците на
европските совети од јуни оваа година.
„Како земја која долги години се наоѓа во претпристапниот процес, Република Македонија се чувствува подготвена и се согласува за т.н. ‘строг и фер’ пристап во процесот на проширување, почивајќи на фер мерит систем на вредности“ изјави Османи, потенцирајќи дека само цврста, силна и обединета Европа ќе претставува гарант за безбедноста на целиот континент.