ПОЧЕТНА | КОНТАКТ | МК | SQ | EN |
Новости
14-ти Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија
20:15, петок, 13 јули 2018

14-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија (Советот за СА) се одржа на 13 јули 2018 година. Со состанокотпретседаваше високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Комисијата, Федерика Могерини, додека комесарот Јоханес Хан ја претставуваше Европската комисија. Делегацијата на Република Македонија ја предводеше Никола Димитров, министер за надворешни работи. Учествуваше и заменик премиерот за европски прашања, Бујар Османи.

Советот за СА потсети дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува во сржта на односите меѓу ЕУ и Република Македонија до пристапувањето на земјата кон ЕУ. Советот за СА ја забележа главната цел на земјата за започнување преговори за пристапување и ја призна силната заложба на Владата на Република Македонија кон оваа цел. Советот за СА го поздрави неодамнешното одредување од страна на ЕУ на патот кон започнување пристапни преговори во јуни 2019 година, врз основа на продолжен напредок и видливи резултати и одржување и продлабочување на сегашниот реформски импулс. Советот за СА ја забележа намерата на Комисијата и Владата да ги почнат неопходните подготовки.

Во областа на добрососедските односи, Советот за СА силно го поздрави потпишувањето на спогодбата за прашањето за името и за воспоставување стратешко партнерство со Грција, како и влегувањето во сила на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, кои поставија силен пример за другите во регионот да ги зајакнат добрососедските односи. Советот за СА ги повикува сите водачи, политички партии и граѓани да ги увидат придобивките што ќе ги донесе решавањето на долгогодишниот спор за името и конструктивно да се вклучат во ратификувањето и спроведувањето на спогодбата.

Советот за СА ги разгледа клучните достигнувања во текот на изминатиот период поврзани со исполнувањето на политичките критериуми, како и состојбата во врска со економските критериуми, финансиската соработка и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, вклучувајќи ги и институционалните реформи. Советот за СА ги забележа и резултатите на Комитетот за стабилизација и асоцијацијаодржан на 19 и 20 јуни 2018 година.

Во врска со политичките критериуми, Советот за СА ги разгледа клучните политички постигнувања. Советот го поздрави тоа што земјата ја надмина нејзината длабока политичка криза, значајните чекори што ги презеде Владата за постепено да ја врати културата на компромис со подавање рака кон сите засегнати страни, вклучувајќи ја и опозицијата, и да ги зајакне демократијата и владеењето на правото и искрената желба за реформа на инклузивен и транспарентен начин. Советот за СА го поздрави првиот конкретен напредок кон враќањето на независноста на судството со спроведувањето на Итните реформски приоритети, со што почна да се исправа уназадувањето од претходните години. Советот за СА позитивно го оцени подобрувањето на работата на судовите и продолжувањето на работата на Специјалното обвинителство. Советот за СА потврди дека се вложија конкретни напори кон зголемување на транспарентноста и отчетноста и кон вклучување на надворешни чинители во создавањето на политиките, ја поздрави подобрената клима за слобода на медиумите и забележа дека атмосферата во која работи граѓанското општество се подобри значително.

Советот за СА ги поздрави непрекинатото спроведување на Пржинскиот договор и значителниот напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Советот за СА се согласи дека е важно да се продолжи и продлабочи сегашниот реформски импулс, вклучително и преку Планот 18, и делотворното спроведување на тековните и планираните реформи, особено во судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи и на високо ниво, како и реформата на разузнавачките и безбедносните служби. Советот ја нагласи и важноста на деполитизираната јавна администрација каде ќе се применува начелото на заслуги.Советот за СА го поздрави учеството на земјата како набљудувач во Агенцијата за основни права. Советот за СА ја повтори важноста на долгорочните мерки за градење доверба и на повеќе проактивни политики за уште повеќе да се зголеми довербата и да се изградат мостови меѓу заедниците и ги поздрави чекорите преземени во врска со ова, од страна на Владата на Република Македонија. 

Советот за СА ги поздрави продолженото активно учество и конструктивниот пристап на земјата во иницијативите за регионална соработка, како и вклучувањето на земјата во Јадранско-јонската иницијатива и организирањето на првиот регионален дигитален самит, кој придонесе кон зајакнување на дигиталната економија во регионот.

Советот за СА ги поздрави и напорите на земјата да се справи со предизвикот на европската мигрантска и бегалска криза и очекува заемно корисната соработка да продолжи во иднина.

Во врска со економските достигнувања, Советот за СА потсети на советувањето за наменски политики договорено во мај 2018 година меѓу ЕУ и Западниот Балкан и Турција, за Програмите за економски реформи, и ја охрабри Владата да се фокусира на нивното спроведување и продолжување. Советот го забележа доброто ниво на подготвеност во развивањето функционална пазарна економија и ја повика земјата да ги реши преостанатите клучни предизвици.

Советот за СА ја поздрави заложбата на Владата да вложи поголеми напори за зголемување на апсорпцијата на средства од ЕУ. Го поздрави и усвојувањето на долго чеканите стратегии за управување со јавни финансии и реформа на јавната администрација, кои ќе овозможат поддршка од буџетот на ЕУ. Советот за СА ја нагласи важноста на разумното финансиско управување и потребата од целосно исполнување на критериумите за секторски пристап, како и спроведувањето на препораките од Европскиот суд на ревизори.

Советот за СА го забележа напредокот во разни области опфатени од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и го поздрави високото ниво на трговска интеграција со ЕУ. Советот ја нагласи важноста да се продолжи усогласувањето со правото на ЕУ, особено во однос на внатрешниот пазар, и го поздрави напредокот кај другите меѓународни обврски, вклучително и во енергетиката и транспортната поврзаност. Во овој контекст, го поздрави и усвојувањето на новиот закон за енергетика.

Советот за СА го поздрави и претстојното преминување во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Сподели ја содржината!
Новости
ОСМАНИ: НИ ТРЕБА СТАБИЛНА И ФУНКЦИОНАЛНА ВЛАДА СО ЕВРОПСКА ПЕРСПЕКТИВА
Донација од бизнис секторот во правец на борбата против пандемија пристигна во земјава
ОСМАНИ: И НАТАМУ ОЧЕКУВАМЕ СИЛНА ПОДДРШКА ОД СЛОВЕНИЈА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ
Османи на одбележувањето на 21 годишнината од ослободувањето на Република Косово
Донацијата од Република Естонија за поддршка при справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД 19, пристигна во земјава.
   
Процес на преведување
Поважни документи
Бази на податоци
Општо
Обука
Центар за Обука на СЕП
Стипендии
Соработки
Комуникација со јавноста
Испитување на јавното мислење ИРИ
Кампањи
Испитување на јавното мислење
ЛИСТА НА ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
Конкурси за вработување
Конкурси
Документи
Бази на податоци
Слободен пристап до информации
Регистар на документи
Регистрација на проекти
Е-набавки
Новости
Публикации
За нас
Организација
Систем за управување со процесот на пристапување кон ЕУ
Проектни единици
Заменик Претседател на Влада за Европски Прашања
Државен Секретар
Државни Советници
Сектори
Кон преговори
Хронологија
Процес на пристапување кон ЕУ
Преговори
НПАА
Спогодба за стабилизација и асоцијација
Скрининг
Кампањи
Youth for EU
ЕУ / ИПА Успешни Проекти
EU talks
EU in Macedonia
EU stars
Together for EU
Проекти
Претпристапна поддршка
ИПА 2007 - 2013
Друга странска помош
Програми на Унијата
ОРИО Програма
Твининг
ИПА 2014 - 2020
ИПА проекти
Повеќе-корисничка ИПА програма
2020 © Секретаријат за европски прашања
Сите права се задржани.