Новости
четврток, 28 јуни 2018 16:07
Денеска, во Скопје, се одржа регионален координативен состанок на Повеќе корисничка ИПА каде свое обраќање имаа Државната секретарка г-а Калинка Габер, ЕУ Амбасадорот Самуел Жбогар, Директорката за Западен Балкан од ДГ НЕАР г-а Геновева Руиз Калавера и Колин Волф Раководител на одделението за регионална соработка во ДГ НЕАР.
Осврнувајќи се докажаната посветеност на Европската комисија и земјите членки на ЕУ кон политиката на проширување, потврдена неодамна на состанокот на министри за надворешни работи во Луксембург, државната секретарка Габер ја нагласи трансформативната моќ на процесот на пристапување, не само од аспект на исполнувањето на внатрешната реформска агенда, туку и во унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка. „Земјите од Западниот Балкан, повеќе од било кога, се подготвени да станат носители на регионалните иницијативи за соработка, цврсто убедени дека заедничките напори ќе придонесат кон поуспешна реализација на сопствените, но и заедничките реформски агенди,“ истакна Габер.
Честитајќи и на државата за постигнатите резултати и отворениот пат кон започнување преговори за членство, директорката за Западен Балкан од ДГ НЕАР г-а Геновева Руиз Калавера истакна дека директоратот, во соработка со Делегација на Европска комисија во Скопје, а согласно заклучоците од последно одржаниот состанок на ГАК, уште денес ќе ги започне подготвителните работи за издигање на договорните односи помеѓу Република Македонија и ЕК на повисоко ниво.
Во рамки на пленарните дискусии во затворена сесија, фокусот беше ставен на програмирањето на средствата за 2019 и 2020 и на на регионалните иницијативи во согласност со Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан. Дискутирани беа можностите за подобро следење и искористување на овие средства и нивно квалитетно насочување кон реформските приоритети во процесот на Европска интеграција на регионот.