Денес, државната секретарка Калинка Габер учествуваше
на завршниот настан на твининг - проектот на ЕУ “Поддршка на Државниот завод за статистика за градење на капацитетите и подобрување на усогласеноста на статистиката со стандардите на ЕУ” кој се оддржа во хотелот Буши
во Скопје, во организација на Државен завод за статистика на Република Македонија,
Италијански национален институт и Завод за статистика на Република Словенија.
На почетокот од своето обраќање државната секретарка
Габер изрази благодарност
до Европската комисија за континуираната поддршка во
размената на искуства и знаење како значаен инпут во надградбата на
капацитетите на државната администрација и унапредување на степенот на
усогласеност на националното законодавство и домашните стандарди со европските,
како и благодарност до националните
статистички институции од Италија и Словенија за нивната посветена соработка со
Државниот завод за статистика во испораката на
предвидените резултати.
“Силно сум
убедена дека преточувањето на активностите од твининг проектот во Националната
програма за усвојување на Европското законодавство (2017-2019), како и неговите
оперативни резултати – поддршката за имплементација на Европскиот систем на
сметки, активностите за подобрување на деловните статистики и подобрената
статистика за истражување и развој – значително ќе ги зголемат капацитетите на
Државниот завод за статистика да одговори на предизвиците во процесот на
скрининг на Поглавје 18 и очекуваните претпристапни преговори” –истакна Габер.
Во продолжение таа додаде
дека Владата
на Република Македонија ја препознава потребата од унапредување на процесот на
развивање политики, донесување одлуки и следење и оценување на нивните ефекти
од страна на владините институции, бизнис секторот и граѓаните со цел
понатамошно унапредување на демократијата и пазарно-ориентираната
економија.
Понатаму додаде дека „овој процес е невозможен без
испорака на сеопфатни и меѓународно споредливи статистички податоци во
согласност со меѓународните и стандардите на Европската унија -
кои благодарение на овој твининг проект, финансиран преку Инструментот за
претпристапна помош од ТАИБ Националната програма 2012, ни стануваат
подостапни „– истакна Габер.