Новости
среда, 06 јуни 2018 16:34
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работна посета на Брисел оствари средба со Димитрис Аврамопулос, Еврокомесар за миграција и внатрешни работи.
На средбата Вицепремиерот Османи ја претстави содржината на новиот реформски План 18 со посебен акцент на имплементацијата на реформите во делот на борбата против организираниот криминал и корупцијата односно на делот со миграциите т.е. унапредување на соработката со Фронтекс.
„Носам добри вести од Скопје, каде вчера, Владата, донесе одлука со која го усвои текстот на Договорот меѓу Република Македонија и Европската Унија, со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи - ФРОНТЕКС“, истакна Османи на средба, испраќајќи притоа отворена покана до еврокомесарот Аврамопулос за посета на земјава на која би се потпишал и официјализирал овој договор.
Во продолжение Османи го информираше еврокомесарот за новиот План 18, во контекст на неговата улога на катализатор на реформите на земјата до формалниот почеток на преговорите. „Се надевам на успешен резултат од јунските самити на Европската Унија, со одлука која ќе ја забетонира нашата евроатлантска иднина“, истакна Османи на средбата.
Во рамките на дводневната работна посета на Брисел, Османи денес ќе оствари средба и со Кристијан Даниелсон, Генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување во рамките на која ќе биде презентиран новиот реформски План 18 пред претставниците на Директоратот за проширување, од каде Османи, покрај поддршката за Планот, ќе побара и сугестии, коментари и евентуални забелешки кои би се искористиле при финализацијата на содржината на новиот реформски План 18 кој се очекува набрзо да биде усвоен од страна на Владата.
Во текот на утрешниот ден Вицепремиерот Османи ќе оствари средба и со Високата претставничка на Европската
Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на
Европската Комисија, Федерика Могерини и ќе одржи брифинг
со претставниците на земјите членки на Европската Унија во работната група
КОВЕБ, а на маргините на посетата ќе има и свое обраќање за европските интеграции
на Македонија пред дипломатските претставници како и претставниците на
граѓанскиот сектор во Брисел, во организација на фондација Ханс Зајдл.