Заменик Претседателот на
Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска,
во просториите на Секретаријатот за европски прашања, го презентираше новиот
реформски план, Планот 18 пред претставниците на Делегацијата на Европската Унија во
Македонија, предводени од Евроамбасадорот Самуел Жбогар.
На почетокот, Османи изрази
задоволство од имплементацијата на Планот 3-6-9, особено неговата валоризација
во еден од најпозитивните извештаи за Република Македонија, кој беше придружен
со чиста и безусловна препорака за преговори од страна на Европската Комисија.
„Владата има цврста определба да ја задржи реформската агенда на врвот на
листата приоритети и по завршувањето на имплементацијата на Планот 3-6-9, за што,
Секретаријатот за европски прашања презеде
обврска да изготви нов реформски план за 2018 година, чија реализација треба да
заврши со излегувањето на новиот извештај на Европската Комисија на почетокот
од следната година.“, изјави Османи, посочувајќи дека Планот 18, кој сѐ уште е
во фаза на усогласување, се очекува да помине на Влада следната недела, по што
ќе биде ставен на увид и на експертската јавноста, граѓанскиот сектор, од каде
се очекува негово дополнување и финализација.
„Планот 3-6-9 создаде солидна
основа и подготовка за имплементација на суштинските и долгорочните реформи во
насока на приближување на нашето општество со европското, при што, Планот 18
претставува логично продолжение на реформската агенда на Владата за системска
координација и следење на имплементацијата на овие реформи“, изјави Османи,
додавајќи дека во Планот влегуваат сите забелешки и сугестии нотирани во
Извештајот на Европската Комисија, а Планот ги зема предвид и насоките кои се
содржат во шесте водечки иницијативи на Стратегијата на Европската Комисија.
Османи
побара од Евроамбасадорот Жбогар и од претставниците на Делегацијата на
Европската Унија во Македонија и тие да придонесат со свои забелешки, сугестии
и коментари при финализацијата на содржината на Планот, кој следната недела се
очекува да биде усвоен од страна на Владата, по што Вицепремиерот Османи најави
дека предвидува посета на Брисел, каде Планот ќе биде презентиран и пред
администрацијата на Европската Унија.