Интервјуа
вторник, 15 мај 2018 12:09
Првичната еуфорија по добивањето на Извештајот од Европската комисија полека спласнува и сега на ред е втората половина од денот, како што рече Федерика Могерини, кога треба да се вратите на работа. Веќе најавивте брзи и радикални реформи. На што се однесуваат тие?
Рамката на реформи е подготвена уште со Планот 3-6-9, односно со подготвување на стратегиите, било за реформи во судството, за јавната администрација или другите области и врз основа на тие стратегии се направени акциски планови. Тие имаат листа на закони, нови или измени на постојните кои што треба да се донесат. Дел од нив, кои беа во делот на ургентите реформски приоритети ги донесовме уште со Планот 3-6-9. Но, листата е долга, а дел од нив бараат двотретинско мнозинство, бидејќи претставуваат суштинска реформа на системот.
Планот 3-6-9 имаше улога да ја стабилизира државата, да ја врати од состојба на ургентност во состојба на нормален тек на трансформација на општеството во европско. Сум кажал и во руги прилики дека најнормален следствен чекор после Планот 3-6-9 е веднаш да почнеме со преговори, да го отвориме Поглавјето 23 и 24 и така тие се првите поглавја кои се однесуваат на правосудството, на доброто владеење, на безбедноста и на основните човекови права, без кои не се може, па најлогичен след на чекорите е веднаш да се почне со преговори. Но, ние нема да ризикуваме па да чекаме преговори и да создадеме вакуум, па затоа веднаш излегуваме со новиот План 18.
Но, што значи радикални реформи?
Радикални затоа што не се работи за козметички промени во системот, туку за суштински промени кои значат прекин на врските, влијанијата, мешање на извршната во судската власт, враќање на улогата на парламентот како надзор на извршната власт, но и создавање на неполитичка, ефикасна администрација, безбедносни служби кои нема да можат да бидат под влијание на политиката. Тоа се суштински промени во системот кои се на линија на европските стандарди.
Пред извесно време го прогласивте Планот 3-6-9 за завршен, без малку, и сега се вртите кон нов план 18. Што точно содржи овој план?
Новиот план прво ја содржи листата на закони кои се дел од Акцискиот план кој произлегува од Стратегиите за реформа на овие процеси. Ги содржи и сите препораки од последниот Извештај на ЕК и е донесен и одобрен од Европската комисија, но сакавме да го видиме и Извештајот. Во Извештајот конкретно за секое поле има рамка во која точно се опишува што треба данаправи државата во наредниот период. Листата на закони и препораките ги имаме ставено во новиот план, ќе биде консултиран деновиве и со опозицијата, бидејќи продолжуваме со истиот начин на инклузивност, на повторување дека овој проект не е проект на Владата, туку историски проект на државата којшто мораме да го спроведеме заеднички без оглед кој е во влада кој е во опозиција.
Подготвена е опозицијата да продолжи со оваа соработка?
Досега играше конструктивно, можеби не испоти малку, бидејќи во последен момент дојдоа во Собрание. Стравувавме дека нема да дојдат па нема да можеме да ги поминеме законите. Но, во секој случај нивото доаѓање значеше нивен конструктивен однос и тука морам да ја пофалам опозицијата дека во овој дел сфаќаат колку е важна европската агенда, колку е важен историскиот моментум кој што го нуди оваа година, за жал сѐ уште не можат да се надминат во делот на етничките прашања. Сѐ уште етничките прашања им се погон за држење на електоратот. Но, доколку и тоа го совладаат и се надминат себе си мислам дека навистина ќе одиграат улога на конструктивна опозиција.
Како ќе фатите чекор за областите за кои во Извештајот имаше нула напредок, особено екологијата, безбедноста на храна и слично?
Во политичките критериуми Македонија според анализата што ја направивме во делот на прогресот Македонија беше прва во регионот, заради политичкиот „буст” што го даде Планот 3-6-9. Во економските критериуми, во вкупната подготвеност Македонија е прва во регионот. Во делот на трансформација на законодавството, вклучувајќи го законодавството и во делот на екологија, македонија го дели првото место со Србија и Црна Гора. Значи дека ние, и покрај тоа што бевме блокирани во процесот и покрај тоа што бевме во статус кво и без обврска зашто немавме отворено преговори ние не престанавме да го хармонизираме нашето законодавство и денеска го делиме првото или второто место со Црна Гора која што има отворено 30 поглавја. Ние сме си „играле“ преговори во државата, сме симулирале како да имаме преговори и сме донеле закони во меѓувреме. И сега доколку ни се отворат преговори ние сме релативно спремни. Затоа велиме дека треба да ни се даде шанса, бидејќи сме подготвени и многу брзо ќе ги надминеме и фронтранерите во процесот, бидејќи сме најстари во процесот.
Сето тоа е добро, делиме прво место и слично, но факт е дека Србија и Црна Гора преговараат, а ние не. Препораката е добра, но сепак, сама по себе нема да значи многу ако не добиеме датум за преговори. Како да се стигне до датумот?
Тоа е веќе политичка одлука. Комисијата не носи политичка одлука, туку одлука врз основа на објективни критериуми. За жал во послените две години ние имавме и од Комисијата проблем. Комисијата сметаше дека Македонија не исполнува услови и имавме условена препорака. Сега од Комисијата врз основа на објективните критериуми, имаме јасна, кристално чиста препорака. Сега на второто ниво, кога Советот носи одлука, одлуката е политичка. Треба 28 земји членки да кажат „да”. Затоа во овој период ние испраќаме две пораки. Прво, дека реформите што ги направивме до одлуката на Комисијата не беа ад-хок реформи колку да ја добиеме препораката, туку тоа е цврста одржлива посветеност на владата да направи трансформација на општеството. И со тоа праќаме порака дека ние продолжуваме со реформите. Втората е убедување на земјите членки дека Македонија станува позитивна приказна, односно повторно се враќа како позитивна приказна во регионот како функционална мултиетничка, мултиконфесионална демократија која е единствена во регионот без гранични спорови, која зрачи со успешност во смисла на функционирање и може да биде пример, а на некој начин е и инвестиција на меѓународната заедница. И сметаме дека таа приказна треба да се валоризира и земјите членки треба да дадат шанса на овој позитивен пример кој е и нивна инвестиција, Македонија да биде ваков пример.
Кога би имале датум за преговори, носител на преговорите со ЕУ е Секретаријатот за европски прашања. Дали тоа значи дека Вие би биле главниот преговарач и дали има воопшто СЕП капацитет за таа задача?
Прашањето за главниот преговарач ќе зависи од одлуката, дали политичар или бирократ ќе биде главен преговарач. Има различни искуства, во Србија на пример бирократ е главен преговарач, но министерот за европски прашања е „чадорот” на процесот. Може и такво решение да има во Македонија. СЕП нема д ги води сам преговорите. Има погрешно разбирање дека ние ќе водиме преговори со ЕУ. Стандардите на ЕУ се фиксни и ние мора да ги почитуваме. Ние преговараме внатре меѓу себе, какви државни позиции да создадеме визави тие стандарди на ЕУ. Ние преговараме со синдикатите, разни интересни групи, со институциите и така градиме консензуален државен став. И тука ќе треба да се вклучат сите луѓе од администрацијата. Работните групи, околу 800 луѓе од администрацијата постојат, тие ќе треба да се ревитализираат и самиот датум за преговори ќе ја ревитализира структурата. Луѓето се малку разочарани и фрустрирани. Во неколку наврати очекувале датум во последните 10 години, а целиот тој ентузијазам спласнал секогаш кога сме биле блокирани на Советот или кога ни било ставено вето. И се разбира дека тоа фрустрира, луѓето сѐ уште не веруваат дека може да диобиеме датум и колку и да се обидувам да им го подгнам ентузијазмот негде во потсвеста им стои дека повторно ќе бидеме блокирани. Но јас сум убеден дека овојпат Македонија ќе добие шанса и затоа ние треба веднаш да почнеме со подготовки. Најголемиот проблем ни е таа ментална блокада заради недовребата дека ќе почнеме со процесот. Таа блокада кога ќе се тргне верувајте дека нашата администрација има искуство. Но, не планираме процесот да го водиме сами, ќе го вклучиме цивилното општество целосно во процесот, експертите, најдобрите што ги имамае во системот, буквално целата држава ќе биде во европски мод на функционирање, сѐ што имаме ќе ставиме на таа карта.
Што Ви дава основа да кажете дека сега сте убеден оти ќе го добиеме тој датум, ако знаеме која е пречката?
Прво затоа што годината е таква што нуди уникатни можности поради различен контекст и внатрешен и регионален и геополитички. И сметам дека секој рационален политичар ќе знае да го сфати и да го искористи моментот, вклучувајќи ја тука и одлучувачката политичка елита во Македонија но и таа во Грција, како и и онаа во меѓународната заедница.
Вториот факт е текот на преговорите за името и ставот на Грција за ЕУ. Сите тие фактори ми даваат некаков оптимизам дека Македонија во делот на европските интеграции овојпат ќе добие шанса.
Во грчките медиуми излезе коментар дека времето тече, а решението за името се оддалечува, се губат насмевките и оптимизмот, главно поради двете пречки - ерга омнес и промена на Уставот. Се согласувате ли со оваа констатација или мислите дека е премногу песисмистичка?
Да беше ова телевизиско интервју ќе видевте дека насмевката мене не ми е изгубена. Мислам дека оптимизмот сѐ уште постои, сфаќаме дека претстои тежок процес, јас метафорички кажав ако ова прашање е планина ние сме го поминале врвот и сега се спуштаме надолу. Надолу е полесно, но е многу поопасно. Еден чекор на погрешен камен и може да се стркалате наместо да се спуштите на земја. Ние сме на надолниот дел од процесот, сме ја победиле менталната бариера во процесот, сме го поминале врвот, меѓутоа сме на надолниот пат, кога секој чекор може да значи пропаѓање на процесот. Внимателни сме до крај, но сега е многу потешко враќање назад отколку одење кон решение. Јас сум убеден дека сме на точка на „невраќање” во процесот.
Точно дека ние се спуштаме по планината ама се спушта и Грција. Некој може да се сопне…
Мислам дека заеднички го тераме овој пат. Двете страни сме свесни за сензитивностите на другата страна. Уште кога бевме далеку во овој процес имам кажано дека тоа што ми дава надеж во процесот е фактот што двете страни имаат различна сензитивност на различни точки од пакетот. И тоа ми дава надеж дека таму каде што сме посензитивни ние, ќе добиеме ние, таку каде што е посензитивна другата страна ќе добие таа. Тоа е таканаречениот „вин-луз” процес. Не може да имаме ниту „вин-вин”, ниту двете страни да губиме. Двете страни ќе треба да добијат и да загубат по нешто. Тоа е нормалниот процес на преговори.
Каде е тука сензитивноста за Уставот?
Мислам дека секогаш за идентитетот, барем македонската етничка заедница била најсензитивна и се разбира дека кога човек ќе преброди една криза, следната изгледа потешка од таа што ја има пребродено. Но, од секогаш основна пречка за решавање на овој проблем биле идентитетските прашања. Доколку успееме нив да ги решиме мислам дека би било голем грев да се испушти овој процес.
Поддршка од меѓународната заедница стигнува, има и оптимизам, сугерираат ли странците промена или отворање на Уставот на Република Македонија?
Обично меѓународната заедница не се меша во преговарачкиот процес. Сметаат дека се води под покровителство на ОН, има посредник и двете страни треба да комуницираат повеќе и да бидат искрени и отворени и да кажат кои се нивните ставови, сензитивности во процесот. Се разбира, доколку ние побараме поголемо нивно вклучување, тие се спремни, бидејќи и тие ја знаат уникатноста на моментот и сакаат да се искористи во интерес на сите, но пак, јас сметам дека после ова што сме го поминале има простор да стигнеме до крајот на овој процес.
Ама пак се враќаме на истото прашање. Можно ли е сепак отворање на Уставот во Парламентот, бидејќи Грците очигледно не се откажуваат од тоа?
Не сакам да влијаам на процесот и да кажам кои се ставовите на државата, бидејќи тие се кажуваат во преговорите. Можам да кажам дека ние треба да сме фокусирани на суштината, а не на формата. Уставот е форма. Суштината е решнието. Дали решението е штетно за државата и за граѓаните, тоа е прашањето по кое се суди дали успева или не успева овој процес, а не формата како ќе се имплементира тоа решение. Затоа сметам дека дебатата е малку дефокусирана. Некако наеднаш двете страни ставаме на формата поголем акцент. И Грција мислам премногу става фокус на формата што е непотребно, а некако и нашата страна. Прво да видиме дали решението одговара на двете страни, а мислам дека имаме сѐ помалку разлики во однос на суштината, а за формата ќе се најде решение.
Не се работи само за форма. Ако дојде до каква било промена на Уставот, макар и само со еден параграф, тоа повелкува други последици, како ќе се спроведува?
Менувањето на параграф е форма. За мене суштина е кое е името на државата, јазикот и државјанството. Начинот на имплементација е форма во која двете страни треба да бидат фер, чувствутелни за другата страна и да бидат креативни. Како ќе се имплементира е прашање на форма. Тоа е мој став, не е прашање на владата, на преговарачката позиција на државата. Ја сметам дека овој процес треба да успее или не и тоа е само прашање на суштината, а не на рамката.
Останувате на ставот дека референдум не е потребен?
Да, тоа е сосема конструктивна разлика помеѓу нас и македонските политички партии. Сум кажал само три причини зошто референдумот е ризичен, но се разбира дека на крајот ќе одлучиме сите заедно и ДУИ и Албанците нема деструктивно да играат во овој процес. Напротив, ќе го помогнат како и до сега. Но ќе се обидеме до крај да ги убедиме двете македонски политички партии дека граѓаните очекуваат ние да ги водиме и да донесеме одлуки за нив. Сметам дека е некоректно за тешките одлуки да ја вратиме топката на граѓаните. Тоа е бегање од одговорност. Не можете за лесните работи да изигрувате големи политичари, а за тешките работи да се прикриете зад граѓаните. Ние ги имаме информациите, ја имаме довербата од граѓаните, ја имаме нивната авторизација да решаваме во нивно име и треба да донесеме храбри одлуки.
Сите анкети во земјава покажуваат дека Албанците многу лесно би прифатиле промена на име на нивната држава за членство во НАТО и ЕУ. Зошто е тоа така?
Некако верувам дека Албанците имаат полоша меморија во однос на влијанието на геополитиката врз луѓето во овој регион. Албанците имаат сѐ уште живи наследници на жртвите на влијанието на геополитичките сили во регионот и веруваат дека НАТО е единствено решение за мир, стабилност и просперитет во регионот. Албанците ги делат вредностите што ги нуди НАТО и евроатлантската заедница и сметаат дека секакво одолговлекување на тој процес значи приближување на спротивната геополитичка сила која што во меморијата на Албанците значи само крв, само страдање.
А Вие на средбите што сте ги имале сте се обиделе ли некогаш на овој проблем со името да гледате и да разговарате како Македонец, со сите негови емоции за припадност, идентитет, идентификација...?
Апсолутно, секогаш и на секој разговор за ова прашање, секогаш прво фокусот сум го ставал на идентитетските прашања, токму сметајќи на чувствителноста на тоа прашање на нашите сограѓани. Свесен за фактот дека за одржливо решение мора да се чува дигнитетот на народот и на граѓаните. И секогаш тоа ми било моментот на разговор-суштината. Затоа и сега прават дистинкција меѓу суштината и формата. Суштината е идентитетските прашања и називот. Начинот на апликација за мене е во втор план, но не како Албанец, туку како државјанин на Република Македонија.
Дали некогаш во разговорите за промена на името, за време на вашите бројни средби, се отворило ли некогаш прашањето за пресудата на Меѓународниот суд на правдата во спорот Македонија - Грција или пак, прашањето за правата на македонското малцинство во Грција?
Овој спор не е правен, туку е политички. Овој спор не се решава со правни средства. НАТО и ЕУ се политички клубови кои прифаќаат или не прифаќаат земја врз основа на нивните убедувања и стандарди. Вие можете во билатералните спорови да имате милиони аргументи на вашата страна, доколку политичкиот клуб го нема консензусот, нема да ве прифати. Нас ни е важно да станеме членка на НАТО и на ЕУ заради опстојување, безбедност, стабилност и економски прогрес на државата. Не треба надмудрување во овој процес со некакви правни документи. Или ги исполнувате критериумите или сте убедени. Има една реченица во Стратегијата, „членството во ЕУ е членство на прецизно убедување на лидершипот каде сакаат да припаѓаат”. Не можете да имате дилеми, сакаме во ЕУ или не сакаме. Доколку сте цврсто убедени дека ЕУ и НАТО е решението за државата, дека е тоа апсолутната волја на граѓаните, тогаш наоѓате начини како да ја остварите таа волја, а не начини и надмудрување како да не стигнете таму. И затоа нема логка да се водат тие дебати. Мене ми е битно како Македонија да влезе во НАТО за во наредните векови да опстои и постои стабилна, мирна и да може економски да успева и граѓаните да имаат стандард.
Колку и да звучи излитено прашањето, што ако нема договор за името, бидејќи реално времето е многу кусо, НАТО и ЕУ и натаму ќе останат далеку или може некако таа далечина да се премости? План Б?
Животот ќе продолжи и тогаш, но сметам дека штета ќе имаат и Грција и Македонија и ЕУ и НАТО од тоа блокирање на процесот. Можеби во нашите преговарачки позиции истакнуваме дека тоа не значи крај на светот и не мораме да прифаќаме сѐ и тоа има некоја логика. И навистина, не мора по секоја цена. Но, и Грција е свесна дека и за нив нема План Б, исто како и ние. Ќе мора да ја искористиме уникатноста на годината. Sвездите се така уникатно наместени да нудат решение оваа година. Следната ќе се поместат и ќе бркаме ѕвезди години и години и не знам дали нема да наидеме на некој астероид по патот.
Но, како да се убеди Ципрас во јуни да крене рака?
Прво треба да се убедат страните да најдат решение за спорот и да го затвориме овој спор пред јуни за да можеме да им дадеме аргументи на сите земји членки во јуни и во јули да кренат рака Македонија да почне преговори и да стане членка на НАТО. Сега, овие недели фокусот треба да биде да се реши спорот.
Премиерот Зоран Заев најави реконструкција на Владата на почетокот на мај. Сигурни ли сте Вие дека останувате на сегашната позиција?
Тоа не е важно, тоа е одлука на политичките партии кои што ја формираат владата. Отсекогаш сум сметал дека персоналните решенија не се одлучувачки фактор за успехот на политиките на една влада, важно е да се реализира програмата на владата. Јас сум среќен дека во мојот ресор испорачавме и добивме валоризација од ЕК, но најискрено воопшто не сум оптеретен со мојата лична судбина, за мене е најважно да ја искористиме годината во делот на деблокирање на овие важни процеси.
Реконструкцијата малку е наметната заради некои ситуации, оставката на министерот за правда, на замениците од поранешниот коалициски партнер кои треба да се потврдат во Собранието. Дали тоа ќе значи некакви нови дополнителни изместувања ќе зависи од разговорите кои двете коалициски партии ги прават за зголемување на мнозинството.
Има најави за влегување на други помали партии во владината коалиција. Ја прави ли тоа поефикасна владата или се работи само за бројка?
Се разбира дека ја прави поефикасна, бидејќи има тесно мнозинство, па голем број на собраниски седници се откажуваат или одложуваат зашто еден пратеник заминал на службено патување. Се разбира дека ќе донесе поголем комодитет во функционирањето, почести собраниски седници, повеќе можност пратениците да патуваат по светот, да контактираат со други пратеници, да разговараат за нашата приказна, за позитините случувања во земјата. Сега ја немаат таа можност. Но, ќе зависи и од рационалноста на партиите со кои сме отворени да разговараме. Доколку има некакви амбиции за несоодветните капацитети кои ги имаат, се разбира можеме да продолжиме вака, стабилно и функционално.
Која Беса ќе влезе во владата?
Тоа ќе се види во разговорите, затоа велам амбициите треба да ги рефлектираат капацитетите на тие групи, не знам и дали се политички партии. Јас од почеток кажав дека се некакви граѓански иницијативи со претензија да станат политички партии, но тоа е тежок процес, не е лесно да се стане политичка партија.
Мислите на Беса?
Мислам на двете Беси.
Жана П.Божиновска