Новости
среда, 21 март 2018 14:45
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со директорката на Меѓународна организација за зајакнување на регионалната соработка во областа на јавната администрација во Западен Балкан (РеСПА), Ратка Секуловиќ.
На средбата Османи ја истакна исклучително важната улога на РеСПА во претстојниот период, кои, покрај стандардната подготовка на администрацијата во процесот на Стабилизација и Асоцијација, во моментов имаат и важна улога во асистирање на земјите од Западниот Балкан во нивната подготовка за имплементацијата на шесте иницијативи на Европската Комисија, неодамна објавени во анексот на Стратегијата за проширување 20-25. „Очекувам силна поддршка од РеСПА, особено во рамките на соработката со Секретаријатот за европски прашања, како носечко тело за координирање на процесите врзани за иницијативите од Стратегијата на Европската комисија“ истакна Османи.
Во продолжение, Османи информираше и за очекувањата на Македонија од априлскиот извештај, посочувајќи ги нашите аспирации за чиста препорака од страна на Комисијата, но и одлука за почеток на преговорите од страна на Европскиот совет во јуни. „Македонија се надева на почеток на преговори за полноправно членство во Европската унија, што претставува голем предизвик за нашата администрација, и за што очекуваме поддршка и помош од услугите и платформата за размена која ја нуди РеСПА“, истакна Османи.
РеСПА претставува проект финансиран од Европската Унија, чие воспоставување има за цел поддршка во креирањето на одговорни, ефикасни и професионални системи за јавна администрација во земјите од Западниот Балкан на нивниот пат кон пристапот во ЕУ.