Новости
среда, 07 февруари 2018 14:07
Денес, Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, каде се дискутираше за билатералната соработка, за проектната поддршка која Кралството Норвешка ја обезбедува за Република Македонија како и за евроатлантските аспирации на нашата земја.
За време на средбата, Вицепремиерот Османи истакна дека билатерална поддршка која Кралството Норвешка ја обезбедува за нашата земја за проекти во најголем дел е наменета за остварување на најзначајните стратешки цели на земјата - интеграција во ЕУ и НАТО и изрази задоволство што истата е зголемена оваа година. Османи се заблагодари за досегашната исклучително добра соработка со Кралството Норвешка, како и за севкупната поддршката што Република Македонија ја добива од оваа земја во спроведувањето на реформите, и во поддршката од страна на Норвешка за нашите евроатлантските интеграции.
„Македонија се наоѓа во исклучително важен период, кога се очекуваат клучните одлуки за нашите европски и евроатлантски интеграции, и во овој момент сме посебно благодарни на секоја помош и поддршка од страна на нашите меѓународни партнери“, изјави Османи, додавајќи дека ја очекува поддршката од страна на Норвешка и во наредниот период.
Османи го информираше амбасадорот и за содржината на штотуку објавената Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западен Балкан до 2025 година, како и за значењето која Стратегијата ја има за европските перспективи на Република Македонија, како и за перспективите на целиот регион.
Двајцата соговорници се согласија во наредниот период паралелно да се стави фокус на два процеси; затворање на сите завршени проекти од нашата досегашна соработка како и планирање и започнување на реализација на нашата билатерална проектна соработка од оваа година па натаму.