Новости
среда, 24 јануари 2018 14:10
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Србија оствари средби со Претседателот на Одборот за европски прашања во Парламентот на Република Србија, Ненад Чанак како и со координаторот на Националниот Конвент за ЕУ на Република Србија , Наташа Драгојловиќ.
На средбите се разговараше за взаемната поддршката во процесот на пристапување кон Европската Унија, а посебен акцент беше ставен на размената на мислења, искуства, но и воспоставувањето на механизми и комуникациски канали за натамошна соработка во евроинтегративните процеси. Османи го истакна интересот на Република Македонија, а особено на Секретаријатот за европски прашања, за размена на искуства во однос на подготовка и обука на тимот за преговори, како и за најважните предизвиците со кои се соочуваат земјите при самото започнување на преговорите. „Како предводник на Секретаријатот за Европски прашања, имам преземено обврска да обезбедам соодветна подготовка за евентуален старт на преговорите на Република Македонија, за што искуствата од Србија, како земја – преговарач, претставуваат исклучително значајна придобивка за нас“, изјави Османи.
За време на средбите беа отворени и темите за регионалната соработка во насока на регионалните европски иницијативи, како што е Берлинскиот процес, при што Вицепремиерот Османи потенцираше дека потребно е да се вложи максимален напор за унапредување на инфраструктурните и комуникациските услови за продлабочување на економската и севкупно општествената соработка на двете земји.
Во рамките на посетата на Белград Вицепремиерот Османи претходно оствари средба со Министерката за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ.
Посетата на Белград е дел од мини балканската турнеја која Вицепремиерот Османи ја започна на почетокот на месецов со посетите на Атина и Тирана, а по посетата на Белград ќе продолжи и со посета на Софија.