Новости
четврток, 17 август 2017 14:28
Во рамките на посетата на Германија, Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, меѓу останатите средби, оствари и поединечни средби со Адреас Гис, Директорот на Директоратот за развојна соработка во Сојузното министерство за економска соработка и развој и со Кристоф Бајер, Потпретседател на Управниот Одбор на ГИЗ (Германската агенција за меѓународен развој).
На средбите, Вицепремиерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка и посветеноста на Германија за европските интеграции на земјите од Западниот Балкан, особено истакната преку иницијативата на „Берлинскиот процес“, но и за директната билатерална поддршка што Република Македонија ја добива од Германија. „Имајќи ја предвид политичката поддршка, како и финансиската и развојна поддршка на Македонија, Германија ја сметаме за земја пријател и партнер на нашата земја за европски и евро-атлантски аспирации“ – изјави Османи.
Во текот на разговорите, Вицепремиерот Османи ги запозна соговорниците за новата политичка клима во Македонија, фокусот на новата Влада кон евроинтеграциите, имплементацијата на Планот 3-6-9 итн. Соговорниците се согласија дека Берлинскиот процес претставува одлична можност за зголемување на регионалната соработка меѓу земјите до Западниот Балкан, нешто што претставува и услов за членство во Европската Унија, но и важна придобивка за граѓаните од регионот.
Вицепремиерот задолжен за Европски Прашања Бујар Османи имаше работна посета на Берлин, каде се сретна со повеќе високи претставници на Германската држава, како и претставници на влијателни невладини организации и тинк-тенкови. На средбите, Вицепремиерот Османи ги преставува политичките состојби во Република Македонија, а од германските претставници побара поддршка за нашите европски и евро-атлантски аспирации.