Новости
среда, 16 август 2017 10:40
Денес Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи оствари средба со Амбасадорот на Француската Република, Кристиан Тимоние.
На средбата Вицепремиерот Османи истакна дека соработката со Франција, која има историски значајна улога во процесот на одлучување во ЕУ, е од голема важност за Македонија, особено отворената поддршка за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО.
Вицепремиерот подвлече дека позитивната клима по неодамнешната посета на Брисел, и остварените средби со високите претставници на Европската унија и НАТО, ќе се искористи како дополнителен поттик да се внесе нова енергија во спроведувањето на европските реформи. „За нас од суштинско значење е да се отстрани условеноста на препораката на Комисијата за отпочнување на преговорите за пристапување “, порача Вицепремиерот Османи. Тој посочи дека треба да се работи заеднички и посветено со цел да се придвижи Македонија кон европското семејство со вклучување на сите кои може да придонесат во процесот, секако тука нагласувајќи го и придонесот и континуираната поддршка на претставниците на меѓународната заедница во земјата. Најавената посета на Еврокомесарот Хан и Прибе со неговиот тим според Османи е уште една потврда за обновувањето на реформскиот процес.
На крајот од средбата Османи и Тимоние се согласија дека проширувањето на Унијата кон земјите од Западен Балкан мора да продолжи и дека Македонија нема друга алтернатива освен евроатлантската интеграција.