Новости
среда, 01 февруари 2017 13:09
Директорот на ЈП Службен весник на РМ, Лука Кржалоски и Државниот секретар во Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажеска потпишаа Меморандум за соработка, со цел меѓусебна размена на законите и подзаконските акти на Република Македонија, и размена на примарното и секундарното законодавство на Европската Унија, на македонски и на англиски јазик.
Со потпишувањето на овој Меморандум двете страни имаат можност да ја унапредат својата основна мисија – обезбедување на релевантни ресурси и информации за граѓаните.
За Јавното претпријатие Службен весник на РМ, ова е важен исчекор затоа што се оформува алката која досега недостасуваше во понудата на нашите услуги. Соработката која за прв пат се воспоставува со Секретаријатот за европски, прашања ни отвара можност на сите граѓани, стручната јавност, стопанственици и правни лица, кои имаат или ќе имаат потреба да прочитаат некој закон или подзаконски акт од националното законодавство со англиски превод, како и да имаат увид во законодавство на Европската Унија, да им излезмее во пресрет со воведување на оваа, нова услуга во својата електронска база на прописи, изјави директорот Кржалоски.
Државниот секретар, Ана Блажеска изрази задоволство од постигната соработка со ЈП Службен весник. „За СЕП овој Меморандум претставува дополнителен канал преку кој јавноста ќе се информира за ЕУ и ќе може подобро да ги користи материјалите кои ги изработуваме во текот на пристапниот процес – преведени и јазично ревидирани директиви и регулативи на ЕУ, но и македонски закони со кои се транспонира определено законодавство на ЕУ преведено на англиски јазик. Веруваме дека тоа ќе биде од помош и од интерес пред сè на стручната и академската јавност, но и на сите граѓани кои во различен контекст имаат допирна точка со европските политики и право“, истакна Блажеска.
Пристапот до текстовите со превод на англиски јазик и до законодавството на ЕУ, објавени во електронската база на прописите на ЈП Службен весник на РМ, може да се очекува од следната недела.