Новости
вторник, 24 јануари 2017 14:40
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми учествуваше на неформалниот состанок на министри за европски прашања во Валета, Малта, организиран во рамките на Малтешкото претседателство со Совет на ЕУ.
Во текот на состанокот претставниците од земјите кандидати имаа можност да ги изнесат своите ставови пред останатите колеги од земјите членки на ЕУ.
Вицепремиерот Адеми нагласи дека Република Македонија е спремна да соработува со Малта и со Европската Унија, како нејзин докажан партнер, во борбата против сите закани кои може да се појават на нашата граница или на надворешните граници на ЕУ. „Нашата конструктивна улога во затварањето на Западнобалканската рута за нелегалните мигранти, е јасен знак дека може да работиме заедно на координиран начин за бенефитите на нашите граѓани и граѓаните на Европската Унија“ рече Адеми.
Адеми истакна дека процесот на проширување мора да се врати на агендата на ЕУ како итен и неопходен, а во исто време институциите на ЕУ треба да пренесат јасна и убедлива порака на граѓаните во Европската Унија за многуте придобивки, директни и индиректни, од процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан. „Сме докажале дека сме спремни и способни да ги реализираме сите потребни реформи доколку ни се даде шанса“- нагласи Адеми.
Во текот на дискусијата повеќе претставници на земјите членки посочија на важноста политиката на проширувањето да остане високо на агендата на ЕУ бидејќи тоа е инвестиција во мирот и стабилноста на целиот континент, а на земјите кандидати треба да им се даде јасна визија за нивната европска перспектива.