Новости
вторник, 24 јануари 2017 09:37
За време на неформалниот состанок на министри и државни секретари за европски прашања кој се одржува во Валета, Малта, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Арбр Адеми оствари одвоени билатерални средби со министерот за надворешни работи и европски прашања на Република Хрватска, Давор Иво Штир и со заменик министерот за европски прашања во министерството за надворешни работи на Естонија, Мати Масикас.
За време на средбите Адеми се осврна на политичката состојба во земјата по спроведувањето на предвремените парламентарни избори, при што посочи дека во тек се преговорите за формирање на нова Влада.
„Членството во ЕУ останува клучен стратешки приоритет на земјата и затоа новата Влада ќе има обврска целосно да го имплементира Политичкиот договор и да се посвети на имплементација на реформите во областите опфатени со Итните реформски приоритети, особено во делот на владеење на правото, судството и борбата против корупција, следењето на комуникациите, реформата на јавната администрација и медиумите“, посочи Адеми.
Исто така, ќе треба да се работи на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор како темел за понатамошно унапредување на меѓуетничките односи во земјата и на понатамошно унапредување на добрососедските односи и решавање на отворените билатерални прашања.
На средбата со министерот Штир беше истакната континуираната и принципиелната поддршка на Хрватска за Македонија и беше нагласена добрата соработка помеѓу двете земји посебно во делот на евроинтеграциите. Големиот број на реализирани заеднички активности за размена на искуства се особено важни за нашата администрација во делот на координација на процесот на евроинтеграција и усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ.
На средбата беа допрени и регионални теми од заеднички интерес. На средбата со заменик министерот Масикас, беше посочено дека е особено важно да се воспостави поблиска соработка и да се обезбеди поголема поддршка во телата на ЕУ за отпочнување на преговорите за членство, имајќи предвид дека Естонија ќе го преземе претседателството со ЕУ во втората половина на 2017 година.
За време на средбите, соговорниците се согласија дека и покрај предизвиците со кои се соочува Европската Унија, политиката на проширувањето мора да остане високо на агендата на ЕУ, при што Адеми истакна дека е особено важно да продолжи поддршката од двете земји за пристапувањето на Македонија и другите земји од регионот во овој процес.