Новости
среда, 16 ноември 2016 09:16
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Арбр Адеми, денеска во просторите на Секретаријатот за европски прашања, оствари средба со Генералниот секретар во австриското Министерство за надворешни работи, г-дин Мајкл Линхарт.
На средбата се разговараше за процесот на европска интеграција на Република Македонија, при што Вицепремиерот Адеми ја истакна важноста на овој Извештај на Европската комисија која и овој, осми пат по ред, останува на ставот за спремноста и потребата Македонија да ги започне пристапните преговори со Европската Унија. Во овој правец вицепремиерот го информираше Линхарт дека од страна на Секретаријатот за европски прашања е подготвена и детална анализа во однос на наодите дадени во Извештајот, која понатаму ќе биде предмет на поширока и инклузивнa дебата.
За време на средбата соговорниците посебен акцент ставија на организирањето на демократски и кредибилни избори на 11 декември, чии резултати треба да бидат широко прифатени, со што би се создале услови, земјата конечно да излезе од долгата политичка криза и да се фокусира на неопходните реформи.
По изборите нашиот фокус треба да се стави на целосната имплементација на Пржинскиот договор, поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, реализација на Итните реформски приоритети и сите обврски кои произлегуваат од него, како и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, кој и понатаму останува камен темелник за нашата евро-атлантска иднина, истакна Адеми.
Двете земји имаат одлична билатерална соработка на политичко, економско и секторско ниво, а Австрија и понатаму останува силен поддржувач на Република Македонија преку различните проекти за соработка.
Особено беше истакната позитивната улога која Македонија ја одигра и се уште ја има во справувањето со миграцискиот притисок и спречување на нелегалните движења преку земјата.
На крајот, соговорниците истакнаа дека соработката помеѓу Република Македонија и Австрија, ќе продолжи во насока на понатамошно подобрување на состојбите и реализација на реформите во сите општествени сфери, и особено поддршката во евроинтегративниот процес на Република Македонија.