Новости
понеделник, 03 октомври 2016 15:09
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Италија во Република Македонија, г-дин Карло Ромео. На средбата, Адеми и Ромео разговараа за актуелната состојба во земјата, развојот на политичките случувања како и евроинтегративниот процес на Македонија.
Вицепремиерот Адеми потенцираше дека спроведувањето на демократски и кредибилни избори се од клучно значење за надминување на политичката криза во земјата, а секако потребно е и понатамошно и интензивно спроведување на Итните реформски приоритети.
Адеми информираше исто така и за важноста на понатамошното спроведување на Охридскиот рамковен договор како и континуираната поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.
Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји и се заложија да ја продлабочат истата со конкретни проекти .