Новости
четврток, 29 септември 2016 11:37
Во рамки на работната посета на Брисел, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Арбр Адеми, денеска се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан. За време на средбата се раговараше за повеќе актулени теми поврзани со процесот на европска интеграција на земјата, особено политичката состојба, изборниот процес, поддршката од ЕУ и миграцијата.
Во тој контекст Адеми информираше за реализацијата на обврските од Договорот од 20 Јули кои се значаен предуслов за организација на демократски и кредибилни избори. Двајцата соговорници ја поздравија и оцената на политичките лидери за исполнување на предусловите за спроведување на изборите во декември како позитивен исчекор кон разрешување на долготрајната политичка криза во земјата. При тоа беше нагласено дека е исклучително важно во наредниот период сите политички актери да го дадат својот придонес за продолжување на нашиот евроинтегративен процес. При тоа Комесарот Хан ја истакна и потребата од континуирана и соодветна политичка и институционална поддршка за работата на Специјланото јавно обвинителство.
Се разговараше и за неопходноста интензивно да се работи на спроведување на Итните реформски приоритети, со оглед на тоа што се однесуваат на области кои се клучни за владеењето на правото, особено делот на судството и јавната администрација, целосно спроведување на Охридскиот рамковен.
Во однос на прашањето на миграцијата. вицепремиерот Адеми и комесарот Хан се согласија дека е потребно да има зајакната соработка и размена на информации меѓу земјите од регионот и ЕУ, со цел подобро да се координираат активностите и да се избегнат ситуациите со зголемен прилив на мигранти и да се намали појавата на нелегална миграција, со оглед на тоа што миграциската криза не е прашање само на една земја и еден регион, туку е прашање кое бара силен меѓународен ангажман, беспрекорна координација и брзо дејствување од страна на сите актери. Во тој контекст, комесарот Хан го истакна придонесот на Македонија во справувањето со миграциската криза и спречувањето на нелегалните мигранти.