Новости
среда, 21 септември 2016 14:45
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми денес присуствуваше на информативен настан по повод отворањето на првиот повик за предлози во рамки на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Првиот повик за предлози во рамките на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија беше отворен на 16 септември 2016 година и потенцијалните корисници од двете земји ќе имаат можност да аплицираат со заеднички проекти до 1 ноември 2016 година.
Вицепремиерот Адеми објасни дека општата цел на првиот повик за предлози е стимулирање на балансиран, инклузивен и одржлив социо – економски развој во прекуграничната област, односно Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот регион од македонска страна и регионите Дибра, Корча и Елбасан од Албанска страна. Тој истакна дека оваа цел се очекува да биде постигната преку реализација на заеднички прекугранични проекти во трите тематски приоритети опфатени со повикот, и тоа: поддршка на туризмот, културното и природното наследство, подобрување на конкурентноста, бизнисот, трговијата и инвестициите и заштита на животната средина, унапредување на прилагодувањето и намалување на последиците од климатските промени, управување со ризици и превенција од истите. Вкупниот индикативен буџет од Европската унија алоциран за првиот повик изнесува 2.890.000 евра, односно финансиските алокации за 2014 и 2015 година, средства за кои Спогодбите за финансирање се веќе потпишани, рече Адеми.
Досега успешно се реализирани околу 50 заеднички проекти во рамки на ИПА 1 програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија и имаме стекнато одлично искуство и изградено партнерство во прекуграничниот регион кои може да бидат основ за унапредување на успешноста на новата програма.
Вицепремиерот Адеми ги покани сите потенцијални корисници, како што се општините, национални и локална институции, граѓански организации, организации кои работат во областите на туризмот, културата, животната средина, образованието, бизнисот и сите други субјекти утврдени како погодни со пакетот за аплицирање да земат активно учество во овој повик за предлози.