Новости
петок, 16 септември 2016 10:49
За време на работната посета во Брисел, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми, оствари средба и со генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, г-дин Кристијан Даниелсон.
Актуелната политичка состојба во земјата, активностите поврзани со организацијата на претстојните парламентарни избори, Итните реформски приоритети и ИПА фондовите, беа дел од темите за кои се дискутираше за време на средбата.
Во однос на политичката состојба, Вицепремиерот Адеми се осврна на обврските кои произлегуваат од договорот од 20 Јули, притоа двајцата соговорници констатираа дека оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори, е позитивен исчекор. Во претстојниот период потребно е да се вложат напори да се организираат демократски, кредибилни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени.
Од аспект на Итните реформски приоритети, Адеми нагласи дека е потребно да се продолжи со реaлизација на предвидените мерки и активности, имајќи предвид дека станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата.
Тој исто така нагласи дека останува посветеноста за целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор, кој претставува камен темелник за понатамошно унапредување на меѓуетничките односи и соживотот во земјата.
Меѓу другото, соговорниците се согласија дека треба да продолжи поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство.
Адеми истакна дека помошта која земјата ја добива од ЕУ преку ИПА фондовите е од суштинско значење за спроведување на реформите кои се значајни не само за државата, туку и за граѓаните. Токму затоа се прават максимални напори да се подобрат капацитетите за апсорбција и да се обезбеди поефикасно искористување на средствата.
Во тој контекст, заеднимки се констатира дека треба да продолжи праксата на блиска соработка и координација меѓу државните институции и Европската комисија со цел да се адресираат препораките од досегашните научени лекции и да се обезбеди поефикасна имплементација на проектите.