Говори
среда, 24 април 2013 17:59
Почитуван амбасадоp,
Почитувана г-ѓа Ристевска Јорданова,
Дами и господа,
Дозволете на почетокот да се заблагодарам на поканата да се обратам на оваа Конференција и воедно да ја поздравам иницијативата за формирање на мрежа од составена од млади експерти во сферата на европските интеграции.
Сите ние сме свесни за важноста на процесот на европска интеграција како за Република Македонија така и за сите други земји од регионот, бидејќи европската перспектива се покажа како еден од главните катализатори кои доведоа до спроведување на суштински реформи во општеството и следствено зајакнување на демократските стандарди.
Очекуваните придобивки од членството во ЕУ и НАТО се мирот, стабилноста и економскиот развој. Истите ќе бидат придружени со пораст на трговијата и инвестициите со што ќе се влијае во создавањето на нови работни места и подобрување на животниот стандард. Овие позитивни ефекти ќе бидат зајакнати со интеграцијата во Единствениот пазар на Унијата. Многу политичари ја подржуваат идејата дека ориентацијата на земјите на Западен Балкан кон ЕУ и НАТО претставува вистински правец и одржлива опција за сите овие земји.
Членството во ЕУ и НАТО на земјите од Централна и Источна Европа резултираше со пораст на странските директни инвестиции и економскиот раст (Полска, Чешка, Унгарија, Литванија, Латвија, Естонија, Бугарија, Романија, Албанија и др.)
Всушност, ако се земе предвид најновиот развој на настаните во регионот можеме да констатираме дека ова е еден исклучително важен период за процесот на проширување со оглед на тоа што Република Македонија повторно доби позитивен извештај од Европската комисија за реформскиот процес, Хрватска ќе стане земја членка на ЕУ, Црна Гора ги започна пристапните приговори, а со постигнувањето на договорот меѓу Србија и Косово се отворија нови можности и за овие земји.
Генерално може да се заклучи дека изминатиов период се постигнати значајни позитивни придвижувања во однос на евроинтеграции со што се потврдува дека членството во ЕУ останува главана стратешка определба на нашата земја за која постои широк државен консензус.
Во пролетниот извештај на Европската комисија се нотирани остварените цели од Пристапниот дијалог на високо ниво како што се декриминализацијата на клеветата и навредата, обуките за судиите кои работат на вакви случаи, реформите во судството, зајакнувањето на начелото на стручност во судскиот систем, намалувањето на бројот на заостанати предмети и друго. Воедно во извештајот се укажува и на активностите на кои ќе треба активно да се работи во наредниот период со цел да се исполнат сите обврски кои ги презела државата.
Оттука во очекување на јунскиот Совет на министри на ЕУ и одлуката за почеток на пристапните преговори, како и спроведувањето на активностите во рамки на Пристапниот дијалог, интензивно се работи и на понатамошно зајакнување на институционалните капацитети за водење на преговорите.
Токму затоа сметам дека формирањето на една ваква мрежа од млади експерти кои своето знаење и искуство за Европската унија и политиките на ЕУ го стекнале на реномирани европски институции, но исто така работеле или се уште работат на прашања поврзани со европската интеграција во државните институции или граѓанскиот сектор може да даде значителна поддршка и експертиза во текот на преговарачкиот процес.
Всушност на сите ние познато дека процесот на преговори е долг и тежок процес кој бара максимална посветеност и ангажман пред се од државните институции како носители на процесот, но и од сите поединци во земјата кои можат и треба да се вклучат и да го дадат својот придонес за остварување на нашата стратешка цел.
Евро-атлантските интеграции се стратешка определба на Република Македонија како гаранција за безбедност, мир, стабилност и развој. Интеграцијата во ЕУ значи поголем пазар, поголемa конкуренција, повеќе можности и поголемa безбедност за сите граѓани. Самиот процесот на интеграција досега во голема мера придонесе за подобрување на економијата и регионалната стабилност. Интеграција во Европската унија е најдобрата алтернатива за создавање на повисок стандард на живеење и благосостојба. За процесот на евро-атлантските интеграции има политички консензус и голема поддршка од граѓаните. Членството во НАТО има поддршка од 80-90% и членството во ЕУ над 70%. За земји како Македонија не е валидно прашањето дали или не да се интегрира во НАТО и Европската Унија, но како да се забрза овој процес.
Јас сум убеден дека оваа платформа која се формира денес ќе биде ефикасен механизам кој ќе им овозможи на сите општествени фактори да се вклучат во процесот на европска интеграција, но и дека истата ќе биде значаен извор на експертиза која ќе се искористи за поквалитетно и поефикасно спроведување на реформите.
Ви посакувам успешна работа и верувам дека ќе имаме отворена и искрена соработка која ќе ни овозможи да ги реализираме сите активности и да ја оствариме нашата заедничка цел за членство во Унијата.
Ви благодарам.