| [27.07.2010] |
| Фуле: ЕК не ја менува позитивната препорака за Македонија |
| |
[ назад кон листата на новости ]
|
Европската комисија не ја менува позитивната препорака од минатата година за отпочнување преговори за влез на Македонија во ЕУ, изјави денеска Штефан Фуле, еврокоемсар за проширување по состанокот на Седмиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација (Советот за СА) на Република Македонија со ЕУ. - Ова беше многу важен и значаен состанок во многу битно време, бидејќи ние се трудевме да најдеме одговор на прашањето дали процесот на исполнувањето на реформите во Република Македонија е успорен или не. Морам да признаам дека состанкот беше позитивен во смисла на тоа дека се уверивме дека нема заостанување во реформите и има нов моментум во реформскиот процес, изјави Фуле на прес-конференција. Од Македонија на состанокот било побарано подобрување на политичкиот дијалог, што според Фуле е одговорност и на власта и на опозицијата, професионализација на јавната администрација, независност на судството, борба против корупцијата, подобрување во полето човекови права, особено преку заштита на ранливите групи, како и подобрување во бизнис средината. Фуле порача дека е од огромно значење за Република Македонија да продолжи со истото реформско темпо. - Кандидатскиот статус на Република Македонија не е изграден со цел да биде ставен во соба за чекање и без излез, и затоа ги вреднуваме и оценуваме напорите на Скопје и на Атина за што поскоро време да изнајдат заедничко решение за спорот со името, изјави еврокомесарот. Тој оцени дека Македонија е земја што продуцира безбедност и нагласи дека ЕУ очекува земјата и понатаму да ја игра оваа позитивна улога. Стивен Ванакере, белгиски министер за надворешни работи од позиција на земја претседавач со ЕУ, ја повтори заложбата за постигнување консензус во рамки на Советот за отворање на пристапните преговори со Македонија. - Сакаме да охрабриме постигнување конзензус во рамки на Советот за разгледување на препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори. Тоа е обврска што ја превземавме. Се разбира, со цел да бидеме во можност да го постигнеме ова, нема да ви кажам тајна, ова треба да биде направено врз база на консензус, рече Ванакере. Министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски рече дека земјата ќе ги продолжи реформите во администрацијата, судството, економијата и борбата против корупцијата. Македонија, додаде тој, ќе го продолжи партнерскиот однос со ЕК за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ. Тој изрази задоволство што неговиот белгиски колега потврдил дека Белгија, како претседавач со ЕУ, го има своето внимание на македонскиот случај и оти ќе се потрудат да го задржат на солидно ниво процесот на проширување на ЕУ. На состанокот Милошоски и вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски ги објасниле македонските позиции и заложбите за решавање на спорот со името и продолжување на дијалогот меѓу Македонија и Грција. - Истовремено напоменавме дека било кое решение би требало да биде потврдено на референдум и дека треба да се дојде до компрмис кој нема да биде на штета на македонските интереси, изјави шефот на диполоматијата. Милошоски и Наумовски изразија задоволство што ЕУ регионалната улога на Република Македонија ја оценува како доста позитивна и конструктивна и придонесот за градење на добрососедските односи - За нас е од особено значење тоа што беше повторена подршката од стана на Европската Унија да продолжиме со сите реформски процеси и на еден фер и објективен начин беше оценето се она што досега е постигнато, изјави вицепремиерот Наумовски.
Извор: МИА
|
|