Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ (Совет за СА) го одржа својот седми состанок на 27 јули 2010 година во Брисел. Во име на Високиот претставник, со состанокот претседаваше Стивен Ванакере, белгискиот министер за надворешни работи, а во соработка со комесарот Штефан Филе. Делегацијата на Република Македонија беше предводена од министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски. На состанокот исто така учествуваше и Потпретседателот на Владата за европски прашања, Васко Наумовски, како и државниот секретар за спроведување на Рамковниот договор, Илхам Исмани. Исто така учествуваше и Специјалниот претставник на ЕУ и шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Ерван Фуере. Советот за СА забележа дека во Пакетот за проширување од 2009 година, Европската комисија препорача почеток на преговори за членство, а врз основа на оценката дека земјата суштински ги адресирала клучните приоритети од Пристапното Партнерство и задоволително ги исполнила политичките критериуми за членство во ЕУ. Во врска со ова, Советот за СА ги зеде превид заклучоците на Советот на Европската унија, донесени на 7-8 декември 2009 година. СА Советот беше известен дека во согласност со тие заклучоци, на Советот на ЕУ одржан на 14 јуни 2010 година, беше покренато прашањето на развојот на настаните во однос на земјата. Советот за СА ја зеде предвид главната цел на земјата и нејзината силна заложба за што поскоро започнување на пристапните преговори. Советот исто така беше известен за посветеноста на Владата на натамошното ефикасно спроведување на реформите, особено во областите на судството, јавната администрацијата, борбата против корупцијата, економските реформи, а со цел да се подигне нивото на примената на пристапните критериуми и стандарди на ЕУ во земјата. ЕУ забележа дека во декември 2009 година беа укинати визите за краток престој за носители на биометриски пасоши. Во процесот на визна либерализација земјата исто така јасно го покажа својот капацитет за спроведување на релевантните реформи. Беа поздравени континуираните напори на националните власти да ги информираат граѓаните за правата и обврските кои произлегуваат од безвизното патување за краток престој. Советот за СА ги разгледа клучните настани од претходната година, поврзани со исполнувањето политичките критериуми. Советот за СА ги зеде предвид напорите преземени за спроведување на Законот за Собранието, донесен минатата година, во однос на улогата на Собранието. Европската унија го забележа воспоставувањето на Анкетната комисија во врска со инцидентот во Собранието од 1 јули. Во овој контекст, Советот за СА забележа дека најдобар начин за зајакнување на политичката клима е целосна имплементација на Законот за Собрание, преку усвојување на новиот Деловник за работа и продолжување на формалните координативни состаноци меѓу координаторите на пратеничките групи. ЕУ одново ја нагласи важноста да се обезбеди конструктивен дијалог меѓу политичките фактори заради одржливо спроведување на клучните реформи и на Охридскиот рамковен договор. Советот за СА беше информиран дека одржувањето на засиленото темпо на реформи останува клучна цел за Владата. Во реформите на полицијата континуирано се постигнува напредок, додека тековното спроведување на Законот за внатрешни работи е од суштинско значење за поставување на солиден систем на раководење со човечките ресурси во полицијата. Советот за СА ги зеде предвид континуираните напори во однос на судската реформа, вклучително и предвидените законски измени насочени кон натамошно јакнење на самостојноста, независноста, ефикасноста и професионализацијата на судството. Во врска со ова, ЕУ подвлече дека е од огромна важност да се обезбеди независноста и непристрасноста на судиите и обвинителите. Беа дискутирани дополнителните мерки во борбата против корупцијата насочени кон натамошно јакнење на правната рамка, потоа интензивирање на меѓуресорската соработка и подобрување на резултатите во спроведувањето. Политичката непристрасност е од суштинска важност за спроведувањето на борбата против корупцијата. ЕУ забележа дека законските одредби треба да се спроведуваат во пракса, како на пример за финансирање на политичките партии и проверка на анкетните листови за имотната состојба и можните конфликти на интереси на политичарите и службениците. Во однос на реформата на јавната администрација, Советот за СА ја забележа важноста на зајакнатата законската рамка и ги поздрави континуираните напори за натамошно обезбедување на транспарентност, професионализам и независност на јавната администрација. Советот за СА го поздрави формирањето на посебна група за реформа на јавната администрација, во согласност со ССА. Советот за СА подвлече дека Охридскиот рамковен договор (ОРД) останува клучен дел од поличките критериуми и суштински дел на демократијата и владеењето на правото, а кој е дел од уставниот и правен поредок на земјата и кој мора целосно да се спроведе. Советот за СА ја зеде предвид заложбата на Владата да обезбеди континуирано спроведување на ОРД, особено во однос на правичната застапеност, употребата на јазиците, децентрализација и интеграција на етничките заедници преку образованието. Беше поздравен напредокот во спроведувањето на стратегијата за правична застапеност на етничките заедници во јавниот сектор, особено на албанската заедница, додека одредени етнички заедници се уште не се доволно застапени. ЕУ изрази загриженост во врска со изјави на одредени политички лидери во насока на напуштање на ОРД. Било какво насилство или закани со насилство се неприфатливи и не се во склад со вредностите на Европската унија. ЕУ ги повикува сите граѓани, и нивните претставници да ги искористат постоечките демократски механизми, вклучително и Собранието, за да ги унапредат нивните интереси. Советот за СА се согласи дека медиумите може да имаат важна улога во промовирањето на толеранцијата и подоброто разбирање. ЕУ потсети дека регионалната соработка и добрососедските односи се суштински дел од процесот на напредување кон ЕУ. Советот за СА ги нотираше мерките во однос на исполнувањето на економските критериуми и функционирањето на пазарната економија. ЕУ го поздрави фактот што Република Македонија континуирано се движи кон целосна пазарна економија. Приватизацијата е во голема мерка завршена, а во голем степен постигната е и ценовна и трговска либерализација. ЕУ ја прифати соодветноста на пакетот на мерки од макроекономската политика во контекстот на глобалната криза. ЕУ исто така ја нотираше важноста во сегашните економски услови да се искористат достапните ресурси на најефикасен начин при што јавната потрошувачка треба да се фокусира врз намени кои носат повисока додадена вредност, како што се инвестициите во производните капацитети. Во областа на статистиката од особена важност е пописот на населението закажан за 2011 година. Во однос на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА), Документот за повеќегодишното индикативно планирање за Република Македонија беше донесен на 29 јуни 2009 година. Во периодот од 2008-2010 година, според националната програма определени се 244, 3 милиони ЕУР како помош на патот на земјата кон европската интеграција. Покрај тоа, земјата и натаму ги користи регионалните и хоризонталните програми. Постигнат е напредок во институционалните подготовки за децентрализирано спроведување на ИПА, што доведе до пренесување на надлежностите за раководење и одлучување во однос на трите ИПА компоненти, а подготовките за останатите две компоненти се во тек. Советот за СА го забележа високиот степен на исполнување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Советот за СА упати на предлогот на Комисијата за преминување кон втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, кој сега се разгледува од страна на подготвителните тела на Советот. Во однос на хармонизацијата со правото на ЕУ, забележан е напредок во хармонизацијата на законодавството и градењето на административните капацитети во повеќе области. Советот за СА го поздрави прогресивното учество на земјата во програмите на Заедница, забележувајќи исто така дека земјата ја започнала постапката за учество во својство на набљудувач во Агенцијата на ЕУ за основни права. Советот за СА исто така ја поздрави Националната програма за усвојувањето на европското законодавство (НПАА) – ревидирана во 2010 година и практиката властите годишно да ја ажурираат НПАА врз основа на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата. ЕУ го поздрави континуираното активно учество и конструктивен приод кон регионалната соработка, вклучително и во инцијативите во Југоисточна Европа, како што е Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Регионалниот совет за соработка, и придонесот кон АЛТЕА мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина. Советот за СА исто така го нотираше завршувањето на демаркацијата на границата со Косово, со што земјата стана првата земја од поранешна Југославија која има целосно одбележани граници со сите свои соседи.
|