Секретаријатот за европски прашања отвори МК-ЕУ инфо-центар по повод 50 години од потпишувањето на Римските договори. Инфо-центарот се отвори на 25 март 2007 година и е лоциран на Плоштадот Македонија до Палата Ристиќ.
На свеченоста се обратија премиерот Никола Груевски, вице-премиерката задолжена за европски прашања Габриела Коневска-Трајковска и Џоан Пирс, претставник на Делегацијата на Европската комисија во Македонија.
Отворањето на Инфо-центарот е дел од Програмата за работа на Владата на Република Македонија „Остваруваме“ и Стратегијата за информирање и комуникација со јавноста во процесот на пристапување во Европската унија.
Целта на овој проект е да се зголеми информираноста на граѓаните за процесите во Европската унија и за процесот на пристапување на Република Македонија во Унијата. Идејата е Центарот да претставува простор каде што секој ќе може да добие релевантни податоци за Унијата и за реформскиот процес на патот на Македонија кон Европската унија.
Граѓаните ќе имаат на располагање пристап до интернет-страниците на Европската унија и на Владата на Република Македонија, пристап до странски весници и директен пренос од настаните во телата и институциите на Европската унија преку сателитскиот канал Europe by Satellite.
Исто така, на располагање ќе биде и богат фонд на стручна литература со околу 600 наслови од областа на Европската унија. Земјите-членки на Унијата, како и телата и институциите на Европската унија ќе бидат претставени преку брошури, флаери или туристички материјали.
Oсновна цел на Инфо-центарот е да дава информации од најразлична природа поврзани со Европската унија согласно со потребите и интересите на граѓаните.
| |
| Телефони на Инфо-центарот: (02) 3223 649 (02) 3223 641 |
|